Судијата известител Елизабета Дуковска предложи да се одржи подготвителна седница, што доби поддршка од повеќе судии, вклучувајќи ги Ана Павлова Данева, Татјана Васиќ Бојаџиева, Јадранка Дабовиќ и Дарко Костадиновски. Судијата Добрила Кацарска не се согласи со предлогот, сметајќи дека веќе има доволни подготовки.
Поддржувачите на одлуката ја истакнаа важноста на подготвителната седница за да се покажат дека владее правото и дека уставноста не се брани на улиците, туку во судот. Тие повикаа на трпение и доверба во институциите и нагласија дека одлуката ќе помогне во отфрлањето на наводите за политизација.
Според одлуката, на првиот нареден работен состанок ќе се разгледаат предлозите за спорните прашања и учесниците во расправата.
Уставниот суд денеска ја одржува 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот. На седницата не присуствуваат судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари.
Непосредно пред гласањето на дневниот ред предложен за оваа седница, судијата Фатмир Скендер предложи точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците да се одложи поради отсуството на двајцата судии, Осман Кадриу и Насер Ајдари. Предлогот не беше прифатен со што судијата Скендер одлучи да не присуствува на расправата по првата точка.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.
По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.
Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението Светски македонски конгрес, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои шестмина се Македонци, а тројца се од помалите етнички заедници – двајца Албанци и еден Турчин.
Потпретседателот на Демократската Унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи изрази несогласување со одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.
Во изјава за медиумите по денешната одлука на Уставниот суд, Османи истакна дека е недозволиво во мултиетничка држава највисокиот орган да одржува седници со моноетнички состав, особено на чувствителни теми.
„Како легитимни претставници од последните претседателски и парламентарни избори во име на албанскиот народ, прво сакаме да го осудиме продолжувањето на седницата на Уставниот суд со моноетнички состав. Пораката на тројцата уставни судии од етничките заедници со нивното неприсуство беше доволен сигнал за да прекине седницата веднаш“, изјави Османи.
Тој додаде дека во име на албанскиот народ ја одбива секоја одлука којашто значи продолжување на процесот на укинување на Законот за употреба на јазиците.
„Единствената праведна одлука којашто требаше Уставниот суд денеска да ја донесе е да ги отфрли сите 13 иницијативи и да се затвори ова прашање. Закажувањето на подготвителни седници е само продолжување на процесот на укинување на Законот за јазици“, нагласи Османи.
Според него, ова не е само кауза за албанскиот јазик, туку и за заштита на мултиетничка европска Македонија.
„Очекуваме поддршка од сите етнички заедници за да ги изолираме силите кои наместо да градиме на тоа што досега го изградивме кон една просперитетна европска толерантна мултиетничка Северна Македонија, не враќаат 20 години наназад“, додаде тој.
Потврди дека ќе продолжат со отпорот кон, како што рече, укинување на албанскиот јазик и кон еднаквоста, и најави дека народот ќе биде присутен кога Уставниот суд ќе ја продолжи седницата за оценување на уставноста.
Европскиот фронт предводен од ДУИ одлуката ја чекаше надвор пред Уставниот суд.
„Ова е одлучувачки момент за иднината на нашата мултиетничка и демократска држава. Обединети и спокојни, да испратиме порака за важноста од почитување на еднаквоста, правдата и демократските вредности, напишаа од ДУИ во објавата на фејсбук.
Околу судот има засилено полициско обезбедување.
Активисти на опозициската ДУИ од неделата се пред Уставниот суд со деноноќно присуство во, како што велат, одбрана на Законот за јазиците.
Според ДУИ, укинувањето на законот ќе значи „уривање на еден од клучните столбови на Охридскиот договор, а владејачката коалиција без легимитет наместо да се работи за заедничка иднина, разделува и напаѓа“.