среда, 16 октомври 2024

Православните христијани го слават Рождеството на Пресвета Богородица

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождество на Пресвета Богородица, празник познат како Мала Богородица. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат литургии.

Објавено на

часот

Сподели

Во предвечерието на великиот празник, синоќа во Скопје беше донесена икона на Пресвета Богородица -„Троеручица“ од светогорскиот манастир Хиландар. По свечениот пречек на иконата пред храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, беше отслужена Вечерна богослужба, по што се изврши литија со иконата низ центарот на Скопје.

Утрово, пак, ќе биде отслужена света архијерејска литургија, на која ќе началствува неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на архијереи и свештенослужители на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.

Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Пресвета Богородица, Марија, е родена од родители Јоаким и Ана, кои живееле во Назарет. И двајцата биле многу скромни, побожни и ги помагале сиромасите и болните. Долго време немале деца, а ќерката ја добиле после пет децении брак. Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ја празнува и слави Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос.

Многу цркви го носат нејзиното име, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Меѓу народот овој празник се слави и со различни обичаи, посебно посветени на раѓањето. Се верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Заедно со Рождеството, според калнедарот на МПЦ-ОА, денеска се празнуваат и иконата на Пресвета Богородица во Калишта и иконата на Пресвета Богородица Почајевска. Следниот ден по Мала Богородица, 22 септември црквата го празнува споменот на нејзините родители Јоаким и Ана.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ