„Би сакал да кажам дека според Уставот и според Законот за класифицирани информации пратениците кои што поседуваат безбедносен сертификат имаат право на пристап до секој документ „државна тајна“, а не некои владини министри да ги прераскажуваат тие документи во Собранието. Пристап е да го имате документот и договорот во раце, да го анализирате и да знаете кои се добри, а кои се лоши клаузули за буџетот“, рече Милошоски во изјава за медиумите.
Зборувајќи за вчерашната најава на претседателот на Собранието Талат Џафери дека договорот ќе биде презентиран, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Џафери со ваквиот став не личи како прв помеѓу пратениците.
Милошоски потенцира дека криењето на договорот е најсилна индикација дека тоа што го прифатиле, како што рече, „Артан Груби и Димитар Ковачевски има силни индиции за корупција и криминал“.
„Секој премиер или министер којшто потпишал добар договор во интерес на државата или граѓаните би сакал тој договор да го види јавноста и обратно, секој оној кој што крие договор од јавноста, само ги потврдува сомнежите дека тој договор е на штета на буџетот и има клаузули кои што се податливи за корупција и криминал“, рече Милошоски.
Во меѓувреме, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека државата пред два дена веќе му исплатила 120 милиони евра на компанијата изведувач на коридорите 8 и 10д.
„Имам сигурни информации дека пред два дена од трезор се префрлени пари преку Министерството за транспорт и врски на ЈПДП околу седум милијарди и 250 милиони денари, тоа е околу 120 милиони евра. Тие пари претпоставувам дека треба веќе да се легнати на сметка на компанијата изведувач на овие делови на коридорите 8 и 10д“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека исплатени се толку многу пари, а шајка нема ставено. Мицкоски повтори дека не се против градење на коридорите, ниту против тоа компанијата да си ги брани интересите туку против распродажбата на народни и државни интереси од актулните политичари на власт.
Пред два дена на средба со медиумите од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека врз основа на пенали и на авансно плаќање од Договорот за изградба на автопатиштата државата треба да ѝ плати на „Бехтел и Енка“ 301,495 милиони евра.
„Околу 173 милиони евра се обврски кои ги презела државата врз основа на самиот договор како авансно плаќање, трошоци за подготвка на градилиште и подготвителни работи вклучително и за менаџирање на самиот проект, а останатите се пенали заради тоа што во рок од 45 дена од потпишување на договорот не е променет Законот за работни, односи односно работната недела не е продолжена од 40 на 60 работни часа“, рече Мицкоски.
А Владата не отстапува од молкот. Овој пат, таа одговори на прашањата на МКД.мк, но без да прецизира она што ѝ беше поставено како прашање.
Имено, МКД.мк ја праша Владата дали до 22 април (45 дена по потпишувањето на договорот со конзорциумот Бехтел и Енка) авансно исплатила 167 милиони евра за подготовка на работите на градилиштето од првата траса долж коридорот 8, Гостивар – Букојчани.
Оттаму добивме кус одговор во кој, меѓу другото пишува дека согласно договорот, утврдени се обврските на двете договорни страни за реализација на делниците на Коридор 8 и 10 д.
„Врз основа на обврските од договорот, а согласно Програмата за финансирање на патната инфраструктура за проектите на Коридорите 8 и 10д за 2023 година усвоена oд Владата на Република Северна Македонија, ќе се исплатат средства за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување на кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да почне со градежните работи на трасите“, велат од Владата за МКД.мк
А според Програмата за финансирање на патната инфраструктура за проектите на Коридорите 8 и 10 д за 2023 година одобрена на 21 март годинава на седница на Владата, на американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка му се одобрени првите 243 милиони евра од вкупно 1,3 милијарди евра за проектот за коридорите 8 и 10д, пари што се предвидени со буџетот на Министерството за транспорт и врски за годинава.
Како што се прецизира, средства во износ од 117 милиони евра се исплаќаат во две транши и се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите, делница 1 (Тетово – Гостивар), делница 2 (Гостивар – Букојчани), делница 3, (Требениште – Струга – Ќафасан) и делница 4 (Прилеп – Битола).
Средствата од првата транша која изнесува 87 милиони евра и од втората транша во износ од 30 милиони евра се исплаќаат согласно Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10д.
Исто така, средства во износ од 50 милиони евра се наменети за авансно плаќање согласно Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10д односно за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства.
Предвидени се и 25,5 милиони евра за капитални индиректни трошоци односно за трошоци кои се задолжени од странски изведувач и се во функција на поддршка на градежни активности вклучувајќи асистенција од специјалисти за технички, комерцијален и управувачки капацитет за надгледување на проектот и надгледување на активностите на проектот од персонал од главната канцеларија на изведувачот.
Намената пак на средства во износ од 49,5 милиони евра е за изработка на проектна документација за изградба на автопатиштата, за дислокации на подземни и надземни инсталации, изведба на дислокации на подземни и надземни инсталации, подготвителни градежни активности на траса, градежни активности односно изградба на траса, геомеханички истраги, обезбедување на канцеларии и други потреби за надзорот и друго, за патните правци, Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.
Тоа денеска го призна и директорот на Јавното претпријатие Државни патишта, Ејуп Рустеми.
„Кога компаниите почнуваат со работа, вршиме авансно плаќање за мобилизирање на компанијата што ќе врши градење, но и за сите други трошоци. Се е според договорот со Бехтел и Енка и според програмата што е помината на Влада за плаќање на сите тие средства. Ние ги почитуваме договорот и програмата на Владата, бидејќи тие средства се буџетски средства и сме во тек да ги реализираме сите тие трансакции што произлегуваат од договорот“, изјави Рустеми.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, денеска го повтори ставот и тврдењето дека државата не плаќа никакви пенали и дека тоа се лаги на опозицијата.
Искра Опетческа