Ова е наведено во ажурираната верзија на нацрт заклучокот за Србија околу која амбасадорите на државите членки на Европската Унија ќе расправаат денес, 13 декември.
Во овој документ Советот на ЕУ повторно потсетува дека напредокот на Србија во владеењето на правото и нормализацијата со Косово „ќе продолжи да го одредува вкупното темпо на пристапните преговори“.
Станува збор за пакет заклучоци за проширувањето кој треба да се усогласи на ниво на амбасадори а формално да се усвои на состанокот на министрите надлежни за европските прашања, кој ќе се одржи на 17 декември во Брисел.
„Советот не ја прифаќа проценката на Комисијата дека Србија одржува ниво на спремност на почетните мерила во кластерот 3 (конкурентност и инклузивен раст). Советот ќе се врати на прашањето на отворање на кластерот 3 врз основа на значителен понатамошен напредок на Србија, особено во согласност со областите (поглавјата 23 и 24 и дијалогот со Косово) и во согласност со преговарачката рамка, во споредба со проценката изнесена во Извештајот за проширување за 2024“, се формулира во најновата верзија на заклучоците.
Преговорите за членство меѓу Брисел и Белград се замрзнати главно поради одбивањето на Србија да воведе санкции против Русија. Србија нема отворено ни едно поглавје од декември 2021.
Унгарија, која претседава со Европската Унија до 31 декември, за време на нејзиниот мандат неколку пати се обиде да иницира отворање на кластерот 3 за Србија, за што Европската комисија смета дека земјата е технички спремна.
Меѓутоа, Унгарија наиде на отпор на одреден број држави членки.
За секоја одлука за можно отворање или затворање на поглавја или кластери во пристапниот процес, неопходна е согласност од сите држави членки на ЕУ.