Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека шест лица трагично загинале во пожарот во Нови Сад, меѓу кои четири деца на возраст од две до седум години. Се претпоставува дека се членови на семејството кое живеело на таа адреса, Д.А. (29), М. С. (23), Е. А. (7), С. С. (5), Д. А. (4) i Л. А. (2).
Докторката Николина Мариќ од Итната помош за 021.рс изјави дека дошле на интервенција во 2:45 часот, но веќе било доцна. Таа наведе дека не можеле да направат ништо друго освен да ја констатираат смртта на повеќе лица.
„Постои сомневање дека пожарот го предизвикал скутер кој бил приклучен на електричната мрежа. Телата на настраданите се пренесени во Центарот за судска медицина за обдукција, а припадниците на Министерството за внатрешни работи интензивно работат на утврдување на сите околности на овој трагичен настан“, додаде Дачиќ.
„Видов дека гори. Почнав да ги повикувам, но не ме слушнаа“, изјави за Телеграф првиот сосед на настраданото семејство. Инаку, Салајка е една од постарите градски населби на Нови Сад.