четврток, 27 февруари 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Потрошувачка кошничка

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Еден ден, додека Црвенкапа шеташе низ шумата, ја начека волкот и ѝ ја зема потрошувачката кошничка. И додека Црвенкапа оттогаш безгришно и весело си шеташе низ шумата без потрошувачка кошничка, за волкот дојдоа нови грижи – имено, со потрошувачката кошничка, волкот нужно мораше да стане и граѓанин и потрошувач и катаден мака да мачи како да ја полни потрошувачката кошничка.

„Ма не се овие граѓански заебанции за мене!“ – налутено р’жна волкот, му ја подметна кошничката на граѓанинот Шљупков и се врати во шумата.

A Шљупков, бидејќи веќе беше граѓанин на Апсурдистан и сè што одеше со тоа: даночен обврзник, потрошувач, плаќач на сметки, банкарско-корпоративен мужик, ценет корисник на уште поценети услуги кои најчесто не ги добиваше итн. итн… – немаше друго чаре, туку мораше да си ја ноsи потрошувачката кошничка под рака како што еднаш многу одамна Учителот од Назарет мораше да си го носи својот крст. Само без воскресение!

Ете така, сега Шљупков, како и секој граѓанин на една современа либерална демократија, во која што пазарот беше слободен, а човекот, слично како некогаш многу одамна Назаретјаниот, беше распнат помеѓу гредите на маржите и дивидендите и безмилосно закован со шајките на претприемачкиот дух – мораше да ја полни потрошувачката кошничка со празни џебови. Имено токму полнењето на потрошувачката кошничка со празни џебови беше врвното демократско достигнување на либералните општества!

А кошничката беше проколната: колку што граѓанинот Шљупков работеше повеќе и повеќе, прекувремено и во невреме, толку потешко се полнеше. И така, граѓанинот Шљупков – откако веќе одамна го беше оставил сето она што го правеше животот вреден и сладок за живеење – своите желби, страсти, уметноста, љубовта… мораше да го остави и своето здравје – и потрошувачката кошничка пак не беше задоволна!

Граѓанинот Шљупков, иако како секој добар граѓанин на либералниот Запад имаше здравствено, социјално, животно, партиско и какво-годе-не осигурување, на крај падна болен и  со толку дребна пензија, што и мравките најпрвин требаше да земат лупи за да ги најдат нејзините зрнца пред да ги разграбаат во своите мравјалници. Се испостави, имено, дека граѓанинот Шљупков е осигурен само кај најстарата осигурителна компанија, мајката на сите  корпорации, банки, компании, претприемачи и други мешетари… ова, двигатели на општествениот прогрес – смртта.

Со последни сили, најпосле, граѓанинот Шљупков му пиша писмо на волкот: „Драги волку-побратиме, те молам или дојди и изеди ја проклетава потрошувачка кошничка и отараси ме од неа, онака како што ми ја подвали! Ако, пак, и ти не можеш да ја изедеш, тогаш, моља те, изеди ме мене! Оти подобро ти брате волчко да ми го скинеш вратчето, одошто оваа кошничка-аждаја да ме јаде, дере и цица секој ден!“

Волкот го доби писмото и фрли бегол поглед кон граѓанинот Шљупков – и виде дека повеќе нема што да се изеде, бидејќи граѓанинот Шљупков веќе одамна беше изглодан минуциозно-систематски од банките, државата, домашните претприемачи и странските инвеститотри, од дигиталните „услуги“ и изгор-скапите самопослуги, од маржите, профитите, сметките, каматите, дивидендите, давачките… – со еден збор, од секој еден заб на либералниот Капитал!

Импресиониран од предаторската ефикасност на либералниот капитализам, волкот ги остави старите вилици во фиока и запиша курс по инвестициско банкарство и берзански спекулации.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ѓорѓи Трипков

Запирката и точката

Зоран Дабиќ

Пројде времето на дилетанти во политиката

Александар Донски

Александар Велики Македонски во исламската света книга Куран

Бранко Прља

Машините мислат, но луѓето чувствуваат

Ристо Цицонков

Tоплификација (парно) на градовите – решение за аерозагадувањето  

Рајко Пеколски

Вoнредни вести од глобалната лудница

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ