сабота, 9 ноември 2024

Поскоро да се усвојат законските измени во образованието и да нема политизација, бара Шаќири

„Во интерес на унапредување на образовниот систем во државата и во интерес на граѓаните, апелирам што поскоро да бидат усвоени овие законски решенија. Не очекувам политизација на процесот бидејќи политичките партии беа повикани, запознаени и вклучени во креирање на нивната содржина и не треба да постојат дилеми дали тие се потребни“, ги повика министерот за образование и наука Јетон Шаќири пратениците брзо да ги усвојат новите закони за средно образование и за стручно образование и обука кои откако беа усвоени вчера на седница на Владата се проследени во Собранието.

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференција ресорниот министер нагласи дека со донесувањето на овие законски решенија ќе се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес со оглед на тоа што актуелните закони се од 1995 односно од 2007 година и, како што рече, не соодветствуваат со реалните потреби.

„Новиот Закон за средно образование ќе овозможи развој на клучните компетенции и вештини кај младите, со особен фокус на дигиталните, неопходни за понатамошното образование и успешно вработување. Првпат се воведува и кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование. Особено е важно што се овозможува и ученичко организирање и учество во носење одлуки што досега им недостигаше на учениците“, рече Шаќири.

Со новиот Закон за стручно образование и обука, пак, посочи тој, се регулира концептот на дуално образование за чија надградба и проширување, додаде министерот, се заложуваме повеќе години.

„Законот го зголемува обемот на практично образование во средните стручни училишта, односно фокусот е повеќе кон стекнување практични и применливи вештини преку учење директно на работно место во компаниите за сметка на намалување на теоретската настава“, додаде Шаќири и посочи дека има тренд на зголемен број ученици запишани во стручното образование и наспроти 11 дуални паралелки пред четири години, денес има 592 со речиси 7.000 ученици.

Реформата на стручното образование и обука е тесно поврзана со промените на пазарот на трудот и потребата за модел на стручно образование и обука насочен кон создавање човечки ресурси за потребите на пазарот на трудот, преку вработување или самовработување.

Новина е воведувањето стручна матура и влезен академски испит. По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двегодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура.

Концепцијата за испити на крајот на средното образование ја изготвува Државниот испитен центар, а на предлог на Државниот матурско-академски одбор, ја утврдува министерот.

Влезен академски испит за запишување во високото образование полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ