сабота, 30 ноември 2024

Порше нема проблеми со продажбата на 911

Порше можеби деновиве живее од продажбата на кросовери, но 911 е сè уште срцето на компанијата. И не онака како симбол на фирмата на начинот на кој Астон мартин или Јагуар вадат по некој ДБ5 или Е-тајп за да ја поттикнат продажбата на модерните коли. Не, 911 сè уште се продава во сериозни бројки.

Објавено на

часот

Сподели

Производните податоци на компанијата покажуваат дека Порше продале 320.221 примероци минатата година, скромни 3 отсто повеќе отколку во 2022. За главниот дел од нив е одговорен кајен, со 87.552 доставени примероци, а макан минимално заостанува со 87.335.

Но во истиот период 50.146 луѓе ги добиле своите 911, што е прилично импресивно. И иако е практичен во смисла на спортски автомобил, не е ни приближно толку корисен како кајен или макан за секојдневните потреби, што значи дека се купува како забавен „екстра“ автомобил, и е далеку поскап од повеќето кросовери, дури и во основната форма. Уште поимпресивно е тоа што продажбата на 911 во 2023 е зголемена за 24 отсто во споредба со бројките од 2022, и покрај тоа што генерацијата 992 доаѓа до крајот на својот живот. Порше најави дека ќе го покаже новиот 992.2 модел подоцна оваа година.

Електричниот тајкан, кој минатата година се мачеше со достапноста на делови, исто така ја зголемил продажбата за двоцифрен број, качувајќи се за 17 отсто, иако 40.629 примероци се сепак далеку од бројката на 911. Неодамна укинатата панамера, чија нова итерација почнува да се продава годинава, успеала да се продаде во 34.020 примероци, но двоецот 718 бокстер и кајман успеале да стигнат само до 20.518 автомобили, што е сепак зголемување од 13 отсто во споредба со лани.

Гледајќи ги бројките по региони се забележува зголемување на продажбата насекаде, особено во пазарите во развој. Единствен исклучок е Кина, каде продажбата паднала за огромни 15 отсто на 79.238 примероци, што е загрижувачки знак за Порше. Ова ја прави Северна Америка, со 86.059 продадени автомобили, најголемиот пазар на Порше.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ