Иако Шпанија усвои закон за амнестија за неколку стотици поддржувачи на независноста во мај, Врховниот суд одлучи дека тоа не се однесува на Пучдемон поради „проневера“ на јавни пари како дел од обидот за отцепување. На сила е налог за негово апсење издаден од суд во Мадрид.
Пучдемон се појави утрово покрај симболичниот споменик на Триумфалната капија опкружен со стотици поддржувачи со каталонски знамиња. „Денес дојдов да ве потсетам дека сè уште сме тука. Каталонија има право сама да одлучува за својата судбина“, им рече тој на насобраните.
Пучдемон потоа, опкружен со поддржувачи, тргна кон парламентот во Барселона. Во 10 часот требаше да започне расправа за изборот на премиер на шпанскиот социјалист Салвадор Ила, унионист кој доби најмногу гласови на изборите одржани во април.
Партијата на Пучдемон, Заедно за Каталонија, соопшти дека ќе побара прекин на парламентарната расправа доколку Пучдемон биде уапсен. Другите партии кои ја поддржуваат независноста на автономната покраина на североисток со 7,5 милиони жители го поддржаа тој став.
Се очекува каталонските сепаратисти да се соберат околу парламентот, а протест најавија и шпанските унионисти предводени од десничарската партија Вокс.
Пучдемон можеше да се врати во Шпанија без гранични контроли бидејќи Белгија, каде што живее, како и соседна Франција, каде што водеше кампања за изборите во Каталонија, се во Шенген зоната, така што нема гранични контроли меѓу овие земји.