недела, 13 октомври 2024

Поранешен израелски премиер: Израел ја има најголемата прилика во последните 50 години да го смени лицето на Блискиот Исток

Поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет повика Израел да дејствува против иранската нуклеарна програма, оценувајќи дека Иран „направил ужасна грешка“ со вчерашниот голем ракетен напад.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Израел сега ја има најголемата прилика во последните 50 години да го смени лицето на Блискиот Исток. Мораме да дејствуваме веднаш за да ја уништиме иранската нуклеарна програма, неговите централни енергетски објекти, и фатално да го осакатиме овој терористички режим.

Мораме да удриме во главата на октоподот на теророт, која кукавички ги испрати своите пипци (Хамас, Хезболах; Хутите) да нè уништат, додека ајатолахот седи на безбедно во својата палата во Техеран. Пипците на октоподот се привремено парализирани – сега е на ред главата“, порача тој на социјалната мрежа Икс.

„Мораме да ја отстраниме оваа страшна закана за иднината на нашите деца. На иранскиот народ можеме да му дадеме прилика да се крене и да се ослободи од режимот кој ги тиранизира своите жени и ќерки. Имаме оправдување. Имаме алатки. Сега кога Хамас и Хезболах се парализирани, Иран е изложен.

Во текот на оваа ужасна година беа убиени наши семејства. Беа силувани наши ќерки. Беа грабнати наши деца. Беа ограбени наши градови. Запалени наши полиња. Пукаа во нашите бродови. Ги тероризираа децата. Испразнија цели региони од нашата земја. Нè понижија. Сега е моментот.

Нацијата на лавови се обедини и ја докажа својата сила во текот на минатата година. Копнееше по промена, по акција, толку долго. Постојат моменти кога историјата ни тропа на врата, а ние мораме да отвориме. Оваа прилика не смее да се пропушти“, додаде тој.

Бенет беше израелски премиер од јуни 2021 до јуни 2022 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ