Еден ден пред да поднесе оставка од функцијата генерален секретар на воената алијанса, Столтенберг во понеделникот ги повика скептичните европски влади да „сторат сè што можат“ за да го убедат Трамп да ја задржи американската поддршка за Украина доколку победи на изборите во ноември.
„Кој и да биде избран за претседател на САД во ноември, мислам дека е важно европските сојузници да соработуваат со САД за да обезбедат континуирана поддршка за Украина“, изјави Столтенберг за Политико во своето последно интервју како шеф на НАТО.
Него денес ќе го замени поранешниот холандски премиер Марк Руте, со што ќе заврши 10-годишниот мандат на Норвежанецот на чело на алијансата, кој е втор најдолг во историјата на НАТО.
Иако Столтенберг го водеше НАТО низ бурната администрација на Трамп 2017-21, тој одби да коментира зошто републиканскиот кандидат го исмејуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски како „најголемиот трговец во историјата“ минатата недела пред состанокот во САД.
Сепак, Столтенберг потсети на напорите на Трамп да ја обезбеди Украина со Џавелинс, противтенковско оружје што го користат украинските војници за да се спротивстават на руската инвазија.
„Важно е европските сојузници да не создаваат самоисполнувачки пророштва, туку да направат сè што можат за да обезбедат САД да продолжат да ја поддржуваат Украина“, рече шефот на НАТО.
Сите европски сојузници, додаде тој, треба „многу јасно да им дадат до знаење на САД“ дека „нема да донесат мир“ во Украина, доколку таа не може да продолжи како суверена, независна нација.
Трамп потроши многу енергија критикувајќи ја Европа – особено Германија – за неуспехот да ја исполни целта на НАТО да потроши два отсто од БДП за одбрана.