понеделник, 10 февруари 2025
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е категоричен

Попусто се прават работни групи, уставни измени нема да се случат, да одиме на избори, изјави Мицкоски

Објавено на

часот

Сподели

„Не знам зошто чекаат, нели требаше минатата година во септември или октомври, па се предомислија во декември, па потоа рекоа во февруари, па не било демек во февруари, туку во мај… Еве нека достават.  Во овој парламентарен состав уставни измени ќе нема и тоа му е јасно и на Ковачевски“, изјави Мицкоски при денешното отворање на штаб на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на ул. Македонија, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека работната група е затворена тема за него и за ВМРО-ДПМНЕ, и побара потребата за уставни измени да се достави до парламентот и да се види дали практично ќе има мнозинство за потребата за отворање на Уставот или ќе нема, и да се затвори таа тема.

„Да не ја оптоваруваме јавноста бидејќи навистина имаме многу суштински теми за кои што треба да зборуваме, а тоа се криминалот, корупцијата, лошата економска состојба, проблемите со кои се соочуваат граѓаните во Македонија“, рече Мицкоски.

Тој го повика премиерот Ковачевски да ја достави иницијативата во парламентот и да не чека, затоа што, како што рече, нема да се смени ништо ниту во следните месеци.

„Нека ги достави во Собранието, ако има 80 пратеници јас заминувам од политиката, тој продолжува да биде премиер, ако нема 80 пратеници тогаш треба да одиме на избори“, додаде лидерот на опозицијата.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ во вакви услови е подготвено да прифати менување на државниот грб за да се заврши процесот на менување на уставните измени, Мицкоски рече дека тоа се два процеса и не се поклопуваат еден со друг и дека, како што кажа, бидејќи порано е постигнат консензус за менување на државниот грб, тоа може веднаш да се почне во рамките на парламентот.

Мицкоски ги повика сите лидери веднаш да преземат иницијатива за тоа и рече дека новиот грб е добар момент за обезбедување единство во земјава, но повтори дека двата процеса немаат никаква врска меѓу себе. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ