Министерот за дигитализација Кшиштоф Гавковски изјави денеска во Варшава дека сè укажува на фактот дека се соочуваме со сајбер напад во режија на руската страна.
Премиерот Доналд Туск на платформата Икс напиша: „Уште еден многу опасен сајбер напад е добра илустрација на руската стратегија за дестабилизација пред европските избори“.
Во лажниот извештај, кој беше споделен и подоцна повлечен, се тврди дека Туск наредил делумна мобилизација која започнува на 1 јули. Според извештајот, во Украина требало да бидат распоредени 200.000 поранешни војници и цивили.
Полска е еден од најважните воени добавувачи за Украина. Како членка на Европската Унија и НАТО, Полска игра важна улога и како логистички центар за помош на Западот за Киев, а Русија ја смета за непријателска земја.
Портпаролот на полската влада Јан Грабиец веднаш ја демантираше веста. Државната новинска агенција соопшти дека таа не е изворот на текстот.
„Извештајот не е од агенцијата, ниту е напишан или испратен од новинари на ПАП. Извештаите се избришани“, соопшти агенцијата.