недела, 6 октомври 2024

Полска испрати предупредување до Украина: Не формирајте близок сојуз со Германија

Полскиот премиер ја предупреди Украина да не формира близок сојуз со Германија, додека односите меѓу двете нации се затегнати, пренесува Скај њуз.

Објавено на

часот

Сподели

Матеуш Моравјецки го обвини Володимир Зеленски за „многу несоодветни зборови“ во ОН, откако рече дека полската забрана за украинското жито ќе ѝ помогне на Москва, објави Укриниформ. Моравјецки рече дека „ќе го заштити полското земјоделство од украинските агроолигарси“.

„Разбирам дека тој (Зеленски) сега мисли дека ќе има близок сојуз со Германија. Ве предупредувам дека Германците секогаш ќе се обидуваат да постигнат разбирање со Русите над главите на централноевропските земји“, рече Моравјецки, пренесе Укриниформ.

„Полска прими неколку милиони Украинци, Полјаците ги примија Украинците под своите покриви, а ние најмногу помогнавме кога Германците сакаа да испратат 5.000 шлемови во опколениот Киев. И тоа не треба да се заборави, претседателе Зеленски“, рече полскиот премиер.

Заладените односи започнаа кога ЕУ одлучи да го укине ембаргото за увоз на жито од Украина, но Полска ја продолжи забраната за да ги заштити сопствените земјоделци.

Украина поднесе жалба до Светската трговска организација, а во ОН, претседателот Зеленски ја обвини Полска за учество во „политички театар што само ѝ помага на Москва“.

Полска веднаш објави дека нема да испрати ново оружје во Украина, освен испораките кои се веќе договорени, а нејзиниот премиер му порача на Зеленски „никогаш повеќе да не ги навредува Полјаците“. Сепак, полскиот премиер инсистираше дека ќе продолжи да ѝ помага на Украина да го победи „рускиот варварин“, пренесе Би-би-си.

Парламентарните избори ќе се одржат во Полска за помалку од две недели, а владејачката партија Право и правда (ПиС) на Моравјецки беше критикувана од екстремната десница за, како што велат, поданичкиот однос кон Украина.

Аналитичарите велат дека ова го принуди ПиС, кој можеби нема да обезбеди мнозинство, да усвои конфронтациски пристап кон Киев како дел од својата кампања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ