Посакувањето нешто да е вистина не го прави вистина.
А сепак, во изминатите две години, имавме плејада предвидувања дека деновите на рускиот претседател Владимир Путин се одброени, дека Русите ќе се свртат кон него или дека тој ќе биде соборен со пуч во Кремљ од страна на олигарсите и руската елита, на кои сега им се воведени западни санкции и кои се гневни поради нивните замрзнати средства во странство.
Дури и Михаил Касјанов, Путиновиот премиер од 2000 до 2004 година, самоуверено предвиде дека претседателовата контрола на власта може нагло да се лизне: „За три или четири месеци, верувам дека ќе има клучна промена“, рече Касјанов, кој сега е во егзил, во 2022 година.
Друг наратив што се повторува е дека Путин е болен од некоја фатална болест. „Тој е болен долго време; сигурен сум дека има рак. Мислам дека ќе умре многу брзо. Се надевам многу скоро“, рече Кирило Буданов, шеф на воената разузнавачка агенција на Украина, во почетокот на минатата година.
И додека попречениот бунт на поранешниот шеф на Вагнер, Јевгениј Пригожин, минатото лето поттикна понадежни предвидувања дека, сигурно, тоа ќе биде почеток на крајот на Путин, не се покажа дека тоа е така.
Сега, девет месеци подоцна, Путиновата контрола на власта е поцврста од кога и да е, и тој е на пат да стане владетел со најдолг стаж во Русија уште од царевите, престигнувајќи го Јосиф Сталин. А симулираните избори на кои тој обезбеди 87 отсто од гласовите послужија само за да го подвлече еклатантниот факт дека тој има целосна задушувачка, репресивна контрола врз својата земја – и покрај малите флешмобови и пркосните меми на социјалните мрежи.
Олигарсите знаат дека не е паметно да му пркосат на газдата. Треба само да видат што им се случи на оние што пркосеа – од Борис Березовски, кој беше пронајден мртов во неговиот дом во Беркшир, Англија, до Михаил Ходорковски, кој одлежа една деценија во Путиновите зандани. А сите знаеме дека пријателството на Путин со Пригожин не го спречи газдата на Вагнер да биде разнесен на парчиња во неговиот приватен авион.
„Бидете храбри. Еден ден ќе победиме“, преколнуваше пркосната Јулија Навалнаја, вдовица на починатиот опозициски лидер Алексеј Навални, откако гласаше во руската амбасада во Берлин, на гласачкото ливче пишувајќи го името на својот покоен сопруг.
Но кога?
Со години Путин упорно одбиваше по име да го спомене Навални, над една деценија најгласниот противник на Кремљ – нарекувајќи го „берлинскиот пациент“ или „таа личност“. Потоа, во својот говор во неделата, Путин одеднаш го удостои својот противник со споменување на името, нарекувајќи ја смртта на Навални во казнената колонија на Арктикот „тажен настан“. Рускиот претседател не се ни потруди да пролее крокодилски солзи – именувањето беше потсмев, демонстрација на моќ.
А сега руската опозиција е без талентираниот Навални, кој ја совлада дигиталната ера, комбинирајќи го политичкиот активизам со паметни, смешни и привлечни видеа на Јутјуб што ја исмејуваат руската политичка елита и ги демаскираат како корумпирани измамници и крадци. „Ако навистина сакате да го победите Путин, мора да станете иноватор, мора да престанете да бидете здодевни“, советуваше Навална во Европскиот парламент минатиот месец. Но иновативниот Навални сега го нема.
„Тој беше гениј кога станува збор за паметни иницијативи – и беше популист, во допир со обичните луѓе и навистина ја разбираше ерата на социјалните мрежи“, истакна Ходорковски за Политико.
Но дури и паметните мемиња и акробации како изборниот протест „Пладне против Путин“ инспириран од Навални нема сериозно да го поткопаат рускиот лидер – колку и да се истакнувани и фалени во западните весници. Тие можат да го подигнат дисидентскиот морал и да го изнервираат Кремљ, но нема да го урнат Путин – или владејачкиот систем што тој го обликуваше – кој, судејќи според неодамнешните истражувања на мислењето на независниот анкетар Левада, го поддржуваат повеќето Руси со сегашен рејтинг на одобрување од 86 проценти. Да се верува во спротивното е само пуста желба. Отсуството на сериозен масовен протест против Путин во Русија – а камоли против неговата војна против Украина – зборува многу. А цврстата моќ ја победува меката моќ.
За некои, лекцијата што треба да се извлече е дека Русите мора да земат оружје. Мирната опозиција е „ќор-сокак“, рече Илја Пономарев, поранешен руски пратеник, кој стана дисидент. Пономарев сега живее во Киев и е портпарол на Легијата за слобода на Русија, волонтерска милиција со седиште во Украина за која се смета дека има околу 2.000 руски дисиденти и дезертери – иако некои од руската опозиција проценуваат дека билансот е многу помал. „Ако луѓето не фатат оружје, тоа нема да нѐ одведе никаде. Луѓето секогаш ќе најдат изговори да не прават ништо, но треба да се бориме“, изјави тој за Политико.
Тој, исто така, се жалеше поради протестот „Пладне против Путин“, на кој Јулија Навалнаја ги поттикна опозиционерските Руси да ги поништат гласачките ливчиња или да го пишуваат името на нејзиниот покоен сопруг. Според Пономарев, ова само го поттикнало учеството на лажните избори и им овозможило на руските државни медиуми да емитуваат снимки од гласачи што се редат на избирачките места, придонесувајќи во лажниот впечаток за легитимност. Наместо тоа, тој ја повика Навална, како и другите опозициски фигури како Ходорковски и Гари Каспаров, „да воспостават соработка меѓу опозицијата и да одлучат што да прават, а што не – тоа ѝ го реков“. Но таа не одговорила на неговиот апел.
„Претпоставувам дека ќе продолжи по патот на нејзиниот сопруг и нема да соработува со другите во опозицијата. Онаму каде што луѓето не сакаат да соработуваат, мислам дека не се заинтересирани да постигнат победа, туку си делкаат посебни улоги за самите себе и ги ставаат личните придобивки пред придобивките за сите“, додаде Пономарев. Во меѓувреме, Ходорковски ја гледа предложената стратегија на Пономарев за насилни пресврти како нереална и осудена на неуспех.
Колку и да е насилна или мирна, руската опозиција изгледа неважна, без разлика колку за неа зборуваат некои коментатори на Западот, надевајќи се дека ќе го подигнат духот. „Руската продемократска опозиција беше главно потрошена сила долго пред февруари 2022 година“, тврдат аналитичарите од Центарот за анализа на европската политика во својот неодамнешен извештај „Скротувајќи ја Русија, обезбедувајќи ја Европа“. И додека многу од овие поединци сега ја продолжуваат борбата од странство и „играат важна улога во помагањето да се добијат информации во и надвор од Русија, поддржувајќи ги украинските и руските бегалци и застапувајќи ги политичките затвореници, како и организирајќи главно залудни акти на отпорот на теренот, нема логика нешто од тоа да може да донесе промена во составот или насоката на рускиот режим“, напишаа тие.
И, што значи сето ова за Украина и за Западот?
Значи дека поразот на Русија во Украина е единствената реална цел. Ова не само што ќе ѝ овозможи на Украина суверено право да ја избере сопствената судбина, туку исто така ќе го одврати Путин од натамошна агресија – и само може да ја спаси Русија, бидејќи е единственото нешто што потенцијално може да ја промени политичката динамика на земјата. Но за да се постигне таква победа, Западот треба да засука ракави, да го забрза снабдувањето со оружје и воена помош и да ѝ помогне на Украина да ги преброди претстојните руски офанзиви во кои најверојатно ќе бидат нападнати Харков и Одеса, како и таа да зајакне за уште еден потфат во обид да ја истисне Русија.
Треба да се заборави пустата желба дека деновите на Путин се избројани и дека некој мем ќе го собори. Време е да станеме смртно сериозни, изјави за Политико Михаило Подољак, политички советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Бидејќи времето е во прилог на Русија, а не на Украина“. Бидејќи „на руска страна, тие се приспособуваат на долга војна; тие комплетно ја претворија својата земја со воена. Тоа е авторитарна земја што е целосно под контрола на вертикалата на моќта. Првиот приоритет е дека Русија мора да биде поразена“, рече тој.
Од гледна точка на Путин, „Ако Русија загуби, таа ќе претрпи трансформација внатре. Ако победи, ќе доминира во Европа“.