Мртвите тела од терористичкиот напад во петокот вечерта во Москва уште не беа ни оладени кога рускиот претседател Владимир Путин почна да се обидува да ја сврти трагедијата во своја корист.
Брзиот одговор, иако циничен, беше очекуван. Само погледнете ја неговата историја.
Откако Путин се искачи на повисоките ешалони на власта во 1998 година, прво како шеф на Федералната служба за безбедност (ФСБ), еден од наследниците на КГБ на Советскиот Сојуз, а подоцна и како премиер и на крај претседател на Русија, земјата претрпе околу 15 терористички напади.
Иако мал број беа толку смртоносни како минатонеделниот масакр во концертната сала Крокус сити хол во предградието на Москва, во кое најмалку 139 луѓе беа убиени од терористи, речиси сите беа искористени од Путин за да ја зајакне својата контрола врз власта, вели Политико.
По петочниот масакр, иако разгранокот на џихадистичката група Исламска држава ја презеде одговорноста, Путин ја искористи шансата да ја обвини Украина (и покрај тоа што не даде докази). Киев – кој Путин се обидува да го освои откако ја почна инвазијата во февруари 2022 година – е само најновото пригодно жртвено јагне на Кремљ.
Еве неколку претходни случаи кога Путин употребил некој брутален напад врз Русија за да ја зацврсти или зголеми својата власт – заедно со некои размислувања за тоа што би можело да следува, вели Политико:
Бомбашки напади во руски станови во 1999 година
Кога: 4-16 септември 1999 г
Што се случи? Во септември 1999 година во повеќе градови низ Русија се случија серија домашни експлозии, додека Путин сè уште беше премиер. Вкупниот број на загинатите достигна 307.
Иако Москва официјално ја префрли вината на чеченските сепаратисти, некои шпекулираа дека станува збор за операција „под лажно знаме“, организирана од руските безбедносни службеници.
Особено сомнителен беше инцидентот во септември 1999 година во Рјазан, на речиси 200 километри од Москва. Еден жител на станбена зграда забележал луѓе што не ги познава како влегуваат во автомобил со московски регистарски таблички откако ставиле некакви торби во подрумот на зградата. Полицијата откри дека торбите содржеле прашкаста материја и тајмер. Медиумите тврдеа дека торбите содржеле хексоген, слично на другите бомбашки напади.
Многумина тоа го гледаа како доказ дека руските безбедносни служби стојат зад бомбашките напади и дека сакале да организираат уште еден.
Николај Патрушев, тогашниот шеф на ФСБ, а сега главен советник за безбедност на Путин, ги негираше тие наводи, велејќи: „Тоа беше вежба. Таму имаше шеќер, а не експлозивна материја. Вакви вежби се спроведуваат и надвор од Рјазан“.
Како Путин го искористи тоа во своја полза? Бомбашките напади во 1999 година го вивнаа тогашниот руски премиер Путин до врвот на моќта. Откако ги обвини чеченските бунтовници, Москва ја гранатираше Чеченија почнувајќи од 14 септември, започнувајќи втора крвава војна со отцепениот регион. Ветувајќи „ќе ги удавам во клозетот“, Путин се постави како силен лидер; кампањата во Чеченија значително ја зголеми неговата популарност, што доведе до неговиот избор за претседател на 26 март 2000 година.
Александар Литвиненко, поранешен офицер на КГБ, кој напиша книга во која тврди дека нападите биле наместени и дека Рјазан бил „фијаско на ФСБ“, подоцна беше убиен во Лондон од двајца поранешни агенти на ФСБ, според британската истрага.
Опсадата на Норд-Ост
Кога: 23-26 октомври 2002 година
Што се случи? За време на изведувањето на претставата „Норд Ост“ во московскиот театар Дубровка, терористи што носеа самоубиствени појаси упаднаа и ги зедоа членовите на публиката како заложници.
По неколкудневни преговори, руските специјални сили употребија успивачки гас кога упаднаа во зградата, убивајќи ги сите терористи. Некои заложници исто така починаа откако го вдишаа гасот, но поради недостиг од соодветна медицинска помош. Официјалниот број на загинатите сè уште е спорен, а бројките се движат од 130 до 174 според независните невладини организации.
Како Путин го искористи тоа во своја полза? И покрај широките критики за тактиката на полицијата, Путин жестоко ги поддржа своите безбедносни служби.
„Гасот беше безопасен и не можеше да им нанесе штета на луѓето… Лесно е да се критикуваат безбедносните служби или медицинскиот персонал, но тоа не е фер“, рече тој во интервју за Вашингтон пост во 2003 година.
Новинарите што критички известуваа за инцидентот беа напаѓани од московскиот режим, вели Политико, во еден од првите примери на агресивна цензура, што многу години подоцна ќе стане вообичаена практика.
Опсадата на училиштето во Беслан
Кога: 1-3 септември 2004 година
Што се случи? Терористи мотивирани од чеченскиот сепаратизам нападнаа училиште во Беслан, Северна Осетија, во регионот Кавказ, земајќи над 1.200 деца, родители и наставници како заложници за време на церемонијата за почеток на учебната година. Операцијата на руските специјални служби за ослободување на заложниците резултираше со 334 смртни случаи, а повеќето умреа од експлозивите што руските трупи ги користеа за да се пробијат во училиштето.
Како Путин го искористи тоа во своја полза? По трагедијата, руската држава, вклучително и Путин, пропагираше лажна приказна дека терористите не поставиле никакви барања, а всушност тие бараа руските сили да ја напуштат Чеченија и да ја признаат нејзината независност. Дмитриј Песков, тогаш еден од прес-секретарите на Путин, а сега главен портпарол на Кремљ, беше клучен во управувањето на известувањето за ситуацијата.
Подоцна Путин го искористи масакрот во Беслан за да ги оправда законските измени со кои го укина изборот на гувернери во сите 89 руски региони, што му овозможи да назначи свои марионети и да ја заостри контролата низ целата земја.
Бомбашки напади во московското метро
Кога: 29 март 2010 година
Што се случи? Двајца чеченски милитанти бомбаши-самоубијци активираа експлозив на две централни станици на подземната железница во Москва, при што загинаа 39 луѓе, а повеќе од 100 беа ранети.
Како Путин го искористи тоа во своја полза? Тогашниот претседател Дмитриј Медведев, кој накратко ја вршеше главната функција додека Путин ги влечеше конците како премиер, ги заостри безбедносните мерки во јавниот превоз низ Русија. Ова доведе до тестирање на камерите за видеонадзор со системи за препознавање лица во системот на московското метро.
Повеќе од една деценија подоцна, Русија има инсталирано околу 500.000 камери со технологија за препознавање лица на национално ниво. Системот често се користи за следење и приведување опозициски активисти.
Бомбашки напад во метрото во Санкт Петербург
Кога: 3 април 2017 година
Што се случи? Бомбаш-самоубиец од една милитантна исламистичка група во Русија активираше бомба во вагон меѓу две станици на метрото во Санкт Петербург, при што загинаа 16 лица. Во тоа време, Исламска држава беше во конфликт со Русија, при што Путин му даваше помош во оружје на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој се бореше против бунтовничките групи.
Како Путин го искористи тоа во своја полза? Истрагата сугерираше дека терористите за комуникација ја користеле апликацијата за пораки Телеграм, наведувајќи ја нејзината релативна безбедност. Руската влада го засили притисокот врз раководството на Телеграм, што доведе до целосно блокирање на апликацијата во 2018 година.
Телеграм истата година се согласи да ги споделува корисничките информации со полициските органи; апликацијата беше деблокирана во 2020 година.
Оттогаш, менаџментот на Телеграм се чини поусогласен со руската држава. Во 2021 година го блокираше ботот „Паметно гласање“ на опозицискиот лидер Алексеј Навални пред изборите за Државната дума, долниот дом на рускиот парламент. Ботот беше клучна алатка за ширење инструкции за гласање, испраќајќи им ги на корисниците имињата на кандидатите што најверојатно ќе ги победат про-Путин кандидатите.
Што можеме да очекуваме по масакрот во Крокус?
Со оглед на историјата на Путин на искористување на злосторствата извршени во Русија за да ги оправда бруталните и честопати антидемократски реакции, реакцијата на овој последен напад веројатно нема да биде убава, вели Политико.
Првата работа што Путин може да ја направи е да спроведе некои планирани, но очекувано непопуларни мерки, изјави за Политико Сергеј Давидис, шеф на Програмата за поддршка на политички затвореници во Меморијалниот центар за човекови права. Најдобар пример е укинувањето на изборите за гувернери по опсадата на Беслан, очигледно неповрзан настан што сепак беше искористен како изговор за планираната мерка.
„Во таа смисла, прашање е само каква е нивната агенда тука“, рече Давидис.
Сепак, војната во Украина веќе е вонредна ситуација, која е искористена за заострување на мерките, вклучително и целосна цензура.
Можно е во Русија да биде вратена смртната казна, „но (нејзиното) враќање е Пандорина кутија што тие самите може да се плашат да ја отворат“, додаде Давидис.
Останува само, објасни Давидис, реактивен одговор типичен за руските власти – воведување повеќе ограничувања. Тоа може да вклучува заострување на казните, проширување на опсегот на прекршоци, криминализирање на одредени активности или одврзување на рацете на полицијата во справувањето со осомничените за тероризам.
Во деновите по нападот на Крокус, четворица осомничени се појавија во судот со модринки и отечени лица, што значи дека биле претепани, додека на Телеграм се појави видео на кое се гледа како на еден од осомничените му е отсечен дел од увото и бил принуден да го изеде. Друга слика на Телеграм, наводно, покажува дека вториот осомничен бил мачен со електрични шокови по неговите гениталии. Кремљ одби да коментира дали осомничените биле мачени.
Така, реакцијата на властите на масакрот во Крокус воспостави нов тренд: полицијата во Русија може да ги брутализира осомничените и да се гордее со тоа. Прифатливото ниво на насилство врз наводните народни непријатели, неодамна качено со војната во Украина, сега се качи уште погоре.
„Ако можете да убивате илјадници луѓе со бомби, не мора да се грижите дали некому ќе му го отсечат увото или некого ќе го погоди струен удар“, рече Давидис.