Новак даде оставка поради негодувањето на јавноста за нејзиното помилување на осуден за педофилија.
Варга најави „повлекување од јавниот живот“ токму затоа што на Каталина Новак ѝ дала поддршка, како министерка за правда.
Јудит Варга, која министерското место го напушти минатото лето за да ја води кампањата за европските избори, додаде дека сега се откажува и од таа кампања.
Таквото сценарио беше незамисливо, пред само неколку дена, оценува Франс прес.
Контроверзите ги предизвика помилувањето објавено во април 2023 година, по повод посетата на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско на Будимпешта. Тогаш претседателката го ослободила поранешниот заменик директор на еден детски дом, осуден во 2022 на повеќе од три години затвор поради прикривање дело на педофилија на негов претпоставен.
Кога истражниот сајт 444 минатата недела ја откри таа одлука, опозицијата ја повика претседателката Новак да даде оставка, а незадоволството продолжи да расте во земјата од ден во ден.
Демонстранти се собраа во петокот вечерта пред претседателската палата, а тројца претседателски советници ги напуштија своите места.
Соочена со скандалот, Новак, која тогаш беше во Катар на натпревар меѓу Унгарија и Казахстан на Светското првенство во ватерполо, побрза да се врати во Будимпешта.
Штом нејзиниот авион слета, таа соопшти дека се откажува од својата позиција, признавајќи дека згрешила.
„Даденото помилување и недостигот од објаснување можеби предизвикаа сомнеж околу нултата толеранција околу прашањето на педофилијата. Меѓутоа, на оваа тема не може да има сомнеж“, истакна 46-годишната Новак и додаде дека се извинува ако некого повредила со таа одлука.
Новак во март 2022 беше избрана за претседателка, што во Унгарија е функција со претежно церемонијален карактер.