понеделник, 14 октомври 2024
Струшки вечери на поезијата

Поетите Башевски и Бредли вечерва имаа свои портрети

Објавено на

часот

Сподели

„Стравот од разделбата е архетипско чувство на предосетена осаменост, како брод со раскинати едра воден од постојаноста на соѕвездијата. Денес стравот од разделба (separation anxiety) има своја медицинска утврденост и симптоматологија и именуван е со кодот Ф93.0.3 Пред стотина години носталгијата исто била сметана за заболување и била лечена со опиум, пијавици или со престои на високите планини. Таму човекот требало да се излечи од неговиот копнеж по домот, со тоа што планината полека станува негов дом..Наспроти болната прецизност на медицината, поетот верува дека само раните можат да се наследат, а не болестите. Отворените рани во кои зборовите на монолитните догми ставаат жешка сол. Затоа Бредли верува дека сѐ може да биде предмет на разоткривање, на спонтана десакрализација и верува дека така може да се осветли апсурдот на строгата религиска или милитантна свест“, рече Никола Маџиров за поезијата на Бредли.

Наградата „Браќа Миладиновци“ се доделува од страна на „Струшките вечери на поезијата“ за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија.

Башевски е добитник на наградата за неговата поетска збирка „Дни, години“ во издание на „Слово“.

– „Дни, години“ е, веројатно, најзрелата поетска книга на Димитар Башевски. Сé што било препознатлив белег во неговите претходни книги овде го наоѓа својот најчист облик. Критиката досега веќе го нотирала во поезијата на Димитар Башевски ехото на едноставната форма на Константин Кавафис и мудрата сведеност на идеалната „проста и строга македонска песна“ дефинирана од Блаже Конески. Сепак, во својата седма поетска книга Димитар Башевски оди чекор подалеку, кон еден имажистички модел на возвишена едноставност што открива најдлабоко значење. Голем дел од неговата поезија, се чини, ги илустрира трите начела на Езра Паунд – за директниот опис, за избегнување на излишниот збор и за музичката фраза наместо метрономски ритам. Јасната поетска слика доловена преку едноставен исказ во стиховите на Димитар Башевски секогаш е заокружена со мисловен проблесок. Такви се многу негови песни, меѓу кои и антологиските „Стракче“, „Статуа“, „Летопис“ и „Земјотрес“, – истакна проф. д-р Иван Додовски.

Во текот на утрешниот ден поетски портрет ќе има и годинешниот добитник на „Златен венец“, Влада Урошевиќ, чие чествување ќе се одржи во црквата Св.Софија во Охрид со почеток во 20.30 часот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ