петок, 13 декември 2024
Зоран Дабиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од дипломатската торба

Победникот добива сѐ!

Долгоочекуваните претседателски избори во САД се веќе зад нас. Борбата на титаните заврши согласно големиот хит на групата АББА „The Winner Takes it all” или „Победникот добива сè“. Поразената кандидатка на тој 5 ноември потона набрзина како Титаник.

Корпусот прашања врзани за економијата и благосостојбата на нацијата што ги туркаше Доналд Трамп лесно издоминира пред конкурентскиот корпус на етички прашања што ја обои кампањата на Камала Харис, покажувајќи дека во Америка прашањето од што се живее, сè уште е поважно од тоа како се живее.

Движејќи се на бранот на егзистенционалните прашања Трамп, кој 4 години трпеливо се подготвуваше за претседателски камбек, буквално ја прегази Харис, која во претседателската трка влета прилично неподготвена, само неколку месеци пред изборите.

Страотно лошата проценка на демократите да влезат во „трката над трките“ со неомилениот и веќе неуверлив претседател Бајден, за потоа од очигледни причини да ја повлечат неговата кандидатура и во последен миг да ја назначат безличната Харис за кандидат, целосно го нарушија концептот на комуникација на демократите со сопственото гласачко тело. Свесна дека статус кво-то на Бајден нема да донесе резултат, Харис излезе со приказна дека „ќе сменела многу работи“ во однос на Бајден. Но, за жал, таа никогаш не кажа што би сменила и на што би се однесувал дисконтинуитетот со политиките на актуелниот претседател Бајден!? Потпретседателката на САД за 4 години од својот мандат не направи ништо позначајно за своето портфолио, ништо што би ја зголемило нејзината видливост и би ја зајакнала довербата во неа кај просечниот американски граѓанин. Се чини дека демократите влегоа во трката водени повеќе од партиска солидарност, отколку  изворен жар. Претседателски избори никогаш не се добивале во САД поради чувство на одговорност кон партијата и сфаќање на ангажманот како обврска. Секогаш бил неопходен факторот икс, во вид на голема енергија, самопрегорност и страст.

Својот четиригодишен потпретседателски мандат, Камала Харис го потроши „евтино“. Успеа само да се профилира како маргиналец што цело време го глорификуваше Бајден, за на крај целосно да ги збуни своите гласачи со маневарот дека „нема да продолжи по истиот пат“ доколку стане претседател. Се чини дека и покрај нејзините изјави по неуспехот на изборите дека „ќе продолжи да се бори“, заборавот на времето бргу ќе го прекрие нејзиното име, како што се случило и со повеќето губитници во финалињата на претседателските трки во САД. Таму победникот навистина добива сè.

Од друга страна Трамп, габаритна политичка фигура во споредба со Харис, со сето свое искуство од првиот мандат, но и бројните контроверзи што го следеа, обиди за атентат, судски постапки и слично, пред овие историски избори успеа да ја задржи, па дури и да ја зголеми довербата кај американските граѓани. Тој на овие избори го зголеми бројот на своите гласачи на најмалку 75 милиони гласови, што е за цели 12 милиони гласови повеќе во споредба со 2016 година, која ја победи тогашната противкандидатка Хилари Клинтон со освоени 63 милиони гласови и за прв пат стана претседател на САД.

Кои ќе бидат следните потези на 47-от по ред, старо-нов претседател на САД е главна тема на политичките аналитичари ширум светот.

Многумина веруваат дека Доналд Трамп има голема шанса да остане запаметен како миротворец. Неговите први потези навестуваат дека тоа е мошне веројатно негова голема желба. Најавите дека ќе бара запирање на војната на Украина пред неговата инаугурација во јануари идната година и суптилните закани кои провејуваат во американските медиуми дека „не е пријатно да го имаш Трамп за непријател“, почнуваат да звучат многу посериозно по 5 ноември. Од друга страна, значајно е дека вчера Трамп стапи во контакт и со палестинскиот претседател Махмуд Абаз, со кого вистина немаа најдобри односи за време на својот прв мандат, но овој пат Палестинците пренесоа дека разговорот со Трамп „бил одличен“.

Исто така, многумина веруваат и дека Трамп ќе ја закрепне американската економија и дека ќе најде вистинска формула за справување со економската експанзија на Кина. Тој веќе во првиот мандат почна вистинска трговска војна со Кина, меѓу другото повлекувајќи голем број американски бизниси од Кина назад во САД, како што беше случајот со Епл и други мега бизниси. За почеток, најавите дека значително ќе ги подигне царинските давачки за германските автомобили, случајно или не, коинцидираат со распаѓањето на Владата на германскиот премиер Шолц. Во самиот старт Трамп како да сака да покаже колку е решителен за економско зајакнување на САД и враќање на некогашната американска хегемонија, овој пат преку економијата и со други невоени начини.

Трамп не е особено импресиониран од НАТО и тоа лидерите на земјите членки го имаат добро препознаено уште за време на неговиот прв мандат, на Самитот на НАТО во Брисел во 2018 година. Но, неговите закани дека нема намера да ги брани оние земји членки кои не инвестираат доволно, парадоксално го зајакнаа НАТО. Денес веќе 23 земји членки на Алијансата вложуваат во одбраната повеќе од 2% од бруто домашниот производ, додека, на пример во 2018 година таквите се броеја на прстите од една рака, а голем дел инвестираа дури помалку и од 1 процент. Може да се очекува дека Трамп ќе инсистира на дополнително зголемување на вложувања во одбраната на 3 проценти, а според некои извори дури и на 4 проценти од БДП! Ова секако ќе наиде на бурни реакции во Алијансата, а првата реакција на францускиот претседател Макрон беше дека е време Европа да се оспособи целосно за сопствена одбрана и да не зависи од земји надвор од Европа. Нешто слично како кога поранешниот претседател на европската комисија Јункер се залагаше за воена автономија на Европа и европска војска. И сѐ остана на тоа.

Да сумираме, она што можеме да очекуваме е дека Трамп во својот втор претседателски мандат влезе далеку поискусен и поподготвен, а тоа го навестуваат и првите контури на неговиот, далеку посилен тим, во споредба со првиот мандат.

Иако е јасно дека ниту Западниот Балкан, а камо ли пак Македонија се битен фактор во надворешната политика на Трамп, извесни кадровски решенија во новата администрација на Трамп би можеле да доведат до зајакнување на билатералната соработка помеѓу Македонија и САД, а со тоа и до подигање на нивото на разбирање за нашите проблеми во процесот на пристапувањето во ЕУ, кој што Америка гласно и недвосмислено го подржува.

                           Амбасадор Зоран Дабиќ

КОЛУМНИ

Кристина Пота Радуловиќ

Што е она што можам да го направам сега?

Љубомир Николовски

Коби Брајант: стремеж кон совршенство

Соња Стојадиновиќ

Кој ќе победи на избори? Прашај го ЧетГПТ

Светлана Јовановска

Иновации или играње со европските закони

Ристо Цицонков

Околу новата стратегија за енергетски развој на Македонија

Славој Жижек

Дали Украина треба да има нуклеарно оружје?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ