Почитуван господине сојузен канцелар Шолц,
Во врска со понатамошниот тек на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ би сакале да Ве информираме за актуелната состојба и притоа да го изнесеме нашето гледиште. Не радува што неодамна во Берлин го пречекавте премиерот Ковачевски и недвосмислено му ja потврдивте Вашата поддршка за Македонија на патот кон Европската Унија.
Во 2020 година Бугарија, заедно со сите други земји членки на Европската унија, даде согласност во Европскиот совет за отпочнување на преговорите за членство на Македонија, првично без да поставува понатамошни барања. Неколку месеци подоцна позицијата на Бугарија драстично се промени и тоа како последица на изгласувањето на рамковниот став за Македонија во бугарскиот парламент, кoj требаше да претставува основа за бугарскиот став во однос на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ.
Целта на овој рамковен став, меѓу другото, е и заштита на правата на бугарската заедница во Македонија, но содржи и ставови од видот дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, дека Македонците до 1944 година биле Бугари итн.
За жал, овие националистички и ревизионистички ставови индиректно станаа составен дел од официјалните преговори и тоа преку давање разноразни примедби во рамките на процесот на преговарање, како и поради потпишувањето на билатерален протокол меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји. Според преговарачката рамка прв чекор треба да биде дополнителното внесување на бугарското малцинство во Преамбулата на македонскиот Устав. Владата на Македонија го прифати барањето на преговарачката рамка и даде гаранција за спроведување на овој чекор, без притоа да разговара со опозицијата на оваа тема и без да го добие квалификувано мнозинство во Собранието, без кое не е Македонија.
Бидејќи кај нашата организација не се работи за државна институција, имаме право согласно со Преспанскиот договор и понатаму да се служиме со името „Македонија“ и да го користиме и во нашиот допис. возможно да се изврши промена на Уставот.
Пленарната седница на Македонското собрание, одржана на 18.08.2023 година, на која требаше да се гласа за неопходноста од промена на Уставот, беше уште истиот ден прекината. Продолжување на оваа седница е предвидено дури тогаш, кога ќе има квалификувано мнозинство.
Опозицијата се противи да даде согласност за промена на Уставот. По наша проценка, причините за тоа се следниве:
Мнозинството на македонските граѓани се против уставните промени.
На македонското малцинство во Бугарија бугарските судови редовно му го оспоруваат правото на регистрација на здруженија, и покрај тоа што Европскиот суд за човечки права со досега 14 пресуди ѝ наложи на Бугарија да овозможат соодветно регистрирање на македонски организации во Бугарија.
Во извештаи на Европскиот совет е опишана дискриминацијата на македонското малцинство во Бугарија, која во прва рака се одразува преку редовното одбивање на барањата за регистрацијата на македонските здруженија од страна на бугарските судови со посочување на бугарските законски одредби за „заштита на интегритетот на нацијата“. Во обратен случај во Европскиот совет не постојат никакви извештаи, во кои е опишана дискриминација на бугарското малцинство во Македонија.
Историски гледано, во периодот по Втората светска војна кога се формира Република Македонија, бугарската заедница не беше конституитивен народ. Поради тоа, при промена на Преамбулата на Уставот би се извршило влијание врз историски факти на тој начин, да истите повеќе не бидат точни. Напротив, бугарската окупација имаше за цел Македонија да биде анектирана од Бугарија. Формирањето на една македонска држава во никој случај не било планирано и требало да се спречи на било кој начин.
Прамбулата на Уставот не ги именува поеднично сите национални заедници, кои живеат во Република Македонија, туку истите се опфатени со поимот „останати“. Тоа во никој случај не значи дека се загрозени правата на оние малцинства кои не се поединечно именувани во Преамбулата на Уставот. Освен бугарската национална заедница во Преамбулата на Уставот на пример исто така не се експлицитно именувани ниту хрватската, словенската, еврејската, ниту пак египетската зедница. Правата на малцинствата се загарантирани и заштитени преку соодветни членови од Уставот на земјата и се спроведуваат со примена на конкретни мерки.
Освен тоа мора јасно да посочиме на фактот дека државното раководството на Бугарија, како и големи делови од бугарската академска елита се длабоко убедени во тоа дека Македонија историски, етнолошки, културно и јазично припаѓа на Бугарија. Тоа се гледа од официјалните изјави на претседателот, на премиерот, на министерката за надворешни работи итн. Европската унија е запознаена со едностраните изјави на Бугарија, дека македонскиот јазик го смета за дијалект на бугарскиот јазик. Нам ни е исто така познато дека Бугарија на сите земји-членки на Европската унија им има дадено целосни информации во врска со нејзината интерпретација на историјата на Македонија.
Дозволете ни на ова место да дадеме наше мислење: се работи за ставови на бугарската држава, кои од нејзиното формирање во 19 век па наваму континуирано изразуваат територијални претензии кон Македонија и се доста проширени кај населението. Овие ставови на Бугарија се во судир со ставовите на Србија и Грција, кои од своја страна имаат исти или слични претензии кон Македонија.
Сигурно ќе се согласите со нас дека овие ставови од 19. век, пренесени во денешно време, се за целосна осуда. Ставовите на Бугарија за нас како македонско здружение се неприфатливи, тие го повредуваат правото на македонскиот народ и на македонската нација за самоопределување и содржат националистички, ревизионистички и елементи на фалсификување на историјата, особено ако се потсетиме на улогата на бугарската окупација за време на Втората светска војна во однос на депортацијата и систематското уништување на македонските евреи во концентрациониот логор Треблинка. За жал мора да констатираме дека Бугарија не само што досега се нема извинето за нејзината политика на бугаризација во периодот на окупација на Македонија за време на Втората светска војна, туку таа дури ја смета оваа фаза од историјата за апсолутно легитимен процес.
Сигурно ќе имате разбирање за фактот дека македонските граѓани од горенаведените причини не гледаат потреба за дополнително запишување на бугарската заедница во Уставот. Незвисно од тоа, за овој чекор нема парламентарно мнозинство. По промената на државното име, кое македонската нација (тешко) го прифати и која предзвика масивна поларизација во самата македонска заедница, македонската нација нема да опстане ако се прифатат барањата на Бугарија, бидејќи тоа е еднакво на национално самооткажување.
Бугарија фактички бара легитимирање дека Македонците до 1944 година биле дел од бугарскиот народ и при основањето на југословенската федерација биле одделени од „бугарската матична нација“. Тоа е став, кој не се поклопува со историските факти и кој е неприфатлив за македонската страна.
Да нагласиме: промените на Уставот, предвидени со преговарачката рамка, не можат да се имплементираат како такви. Опозицијата е јасна во својот став дека нема да се согласи со уставни промени од ваков вид.
Процесот за членство на Македонија е контаминиран од билатералните барања на Бугарија, кои имаат историско-ревизионистички елементи и воопшто немаат врска со формалните критериуми за членство. Процесот на спроведување реформи, кој би требало да има најголема важност во рамките на преговорите за членство, се става во позадина.
Од овие причини не гледаме друга можност, освен преговарачката рамка да се промени во таа насока да од истата се отстранат билатералните барања на Бугарија, т. е. нејзините примедби и релации. Само на тој начин може да се обезбеди нормален и регуларен процес за Македонија, со кој барем формално ќе се намали недовербата во однос на појавата на нови бугарски ултиматуми.
Секако дека е важно, двете земји да остварат разговори и да ги решат отворените историски прашања, што во моментов и се реализира во рамките на историската комисија на двете земји. Сепак, успехот од работата на историската комисијата не смее да биде одлучувачки за понатамошниот просперитет на Македонија во рамките на процесот за членство во ЕУ, бидејќи во тој случај најверојатно ќе биде дефиниран и вреднуван од Бугарија. Овие разговори можат да се водат напоредно, но неповрзано и независно од преговорите за членство.
Тие мора да се водат на еднакво и рамноправно ниво. Сериозно се прашуваме, дали Европската комисија на пример треба да одлучува за толкувањето на историјата и на кој начин таа треба да одлучи дали има прогрес или регрес на тоа поле? Не можеме да прифатиме дека во овој случај толкувањето на историјата зад затворени врати треба да стане критериум за членство.
Од таа причина Ве молиме да го разгледате ова мислење. Ние знаеме дека промената, односно прилагодувањето на преговарачката рамка ќе претставува тежок процес, проследен со многу дискусии и дека за еден ваков проект е потребна согласност од сите земји-членки, вклучувајќи ја и Бугарија. Само едно е сигурно: во македонската заедница нема да има мнозинство за понатамошни концесии. Промената на државното име беше трауматичен чекор за целата нација; меѓународната заедница и даде гаранција на земјата дека со овој чекор ќе се отворат вратите на ЕУ и НАТО. Таа стана членка во НАТО, но се чини дека е многу далеку од членството во ЕУ. Бугарскиот претседател Радев во неговите официјални изјави потврди дека промените на Уставот се само почеток на барањата, кои ги поставува Бугарија.
Можеме со сигурност да предвидиме дека на крајот на скринингот нема да има понатамошно приближување на земјата кон ЕУ, доколку не се направат соодветните промени на преговарачката рамка.
Се надеваме дека Бугарија ќе го промени нејзиниот фундаментален став кон Македонија и ќе ја третира како рамноправен член во Обединетите нации, НАТО, а во иднина и во ЕУ. Во оваа прилика би сакале да напоменеме дека Бугарија при пристапувањето на земјата во НАТО не изрази никакви сомнежи. Ова однесување на Бугарија, со кое истата отворено ја порекнува историската легитимност на една нација и партнер на НАТО, може долгорочно да прерасне во безбедносен проблем во редовите на југоисточното крило на НАТО, ако на таа основа се загрозува довербата и подготвеноста за соработка.
Се надеваме дека со нашите излагања ќе наидеме на разбирање кај Вас. Воедно се извинуваме за подолгите излагања во некои делови од текстот, но поради комлексноста на билатералните односи помеѓу двете земји, сметавме дека истото е неопходно. Можеме да Ви гарантираме дека тука не се работи за став на помала група туку за мислење на широк круг на македонското граѓанско општество.
Експерти од македонските тинк-тенк организации како и македонската заедница во Германија го делат нашиот горенаведен став.
После 17 години статус на кандидат, Македонија конечно заслужи да води преговори за пристапување под исти услови како и сите други досегашни земји-кандидати. Оваа земја во минатото јасно покажа подготвеност за компромис и притоа презема чекори, кои досега не беа побарани од ниту една земја-кандидат за членство во ЕУ.
Понатамошни наводни „компромиси“, кои се однесуваат на идентитетот на македонскиот народ, на неговиот јазик, култура и историја, не се можни.
Билатералниот став на Бугарија и барањата, кои произлегуваат од него не се пресметливи и не можат да се предвидат. Тие немаат никаква врска со критериумите за членство и го повредуваат правото на самоопределување, загарантирано во рамките на Обединетите нации. Од оваа причина преговарачката рамка мора да биде пречистена од овие елементи. Во спротивно Македонија нема да може да го продолжи процесот на пристапување и може позасилено да падне под влијание на други глобални актери.
Ви благодариме за вниманието и се надеваме дека и понатаму ќе ја подржувате Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија.
Со почит,
Централен совет на Македонците