Сведоци сме на брзите промени кои се случуваат во светот кои инкорпорираат миграциски движења на луѓето кои се од невидени досега размери. Дел од тие миграциони движења се случуваат поради отварањето на развиените економии за прием на работна сила од понеразвиени земји. Причините за тоа се нивните внатрешни негативни демографски трендови.
Следствено, нашите граѓани сè повеќе се слободни да излезат на меѓународниот пазар на труд. Ние тоа не го критикуваме, но констатираме дека на нашиот пазар на труд има недостаток на понуда.
Но, од друга страна нам како на домашни компании ни е ускратено или енормно тешко да настапиме и ние на меѓународниот пазар на труд.
Соочени со оваа ситуација, нам, на домашните комапнии, ни останува или да ги намалиме нашите економски активности или целосно да ги запреме. Која било од тие две можни одлуки да ги донесеме тоа значи дополнително затварање на работни места и тоа не само работни места за кои не сме можеле да најдеме работници, туку и на работни места за кои имаме работници, но се дел од технолошката целина која не била целосно пополнета со работници. Тоа е надолно движечка спирала на пропаст на нашата домашна економија.
Оваа ситуација можеби не е толку очигледна во Скопје или во другите поголеми градови, но во помалите градови како што е Демир Капија каде што ние работиме истата е експоненцијално подраматична.
За да се надмине оваа екстремно економски опасна ситуација (која ќе креира и други проблеми не само економски), сметаме дека треба час поскоро да направите измена на регулативата и на вашата политика која го дефинира нашиот пазар на труд.
Имено сметаме дека треба да го смените законот за странци и законот за работни односи како и односната одамна застарена политика/регулатива за давање на визи на странци и да овозможите и на домашните компании лесен излез на меѓународен пазар на труд.
Примери за таква регулатива и политика имаме веќе во многу земји на светот. Доволно е да се угледаме на Хрватска. Без странските работници нивниот туризам оваа година ќе колабираше. Нивната влада согледувајќи го истиот проблем со кои ние се соочуваме, не само што овозможи фирмите непречено да носат странски работници, туку и ги поттикна на тоа. Туристичката сезона не само што ја спасија, туку им беше рекордна.
Во Србија во моментот работат повеќе од 400,000 работници од други земји. Економијата им расте. Ве молиме да преземете итни активности и брзо, ефикасно да ги спроведете реформите и да ни испратите едноставно упатство за едноставна процедура која треба да ја следиме за да вработиме и ние работници од странство.
Така ќе ја спасите нашата економија, така ќе дојдеме до можност за раст, така ќе овозможите и ние да бидеме конкурентни на меѓународниот пазар.
За арно за убаво.
Јордан Трајков,
извршен директор на Попова кула