Во разговорот со Бранко Азески, Петрушев зборува за трансформацијата на Комората во времето кога настанала најголемата криза во коморското организирање и за донесувањето на новиот Закон за стопанските комори, во кој бил предвиден нов начин на коморско организирање, кој ја поттикнал трансформацијата на членување на фирмите од задолжителен на доброволен принцип. Според него, трансформацијата настанала во време кога веќе била заокружена приватизацијата и кога биле етаблирани компаниите што успеале во тој процес, но и кога се појавиле мали и средни претпријатија. Со тоа, истакна тој, Комората престанала да биде место само за големите директори.
Тој истакна дека од периодот на трансформација во 2005 година до денес Комората бележи позитивни резултати и постојан раст и развој.
„Комората се претвори во место каде што секоја компанија може да дојде и да го најде својот интерес, нејзиниот глас да биде чуен и низ соодветните тела, органи и механизми на Комората да се овозможи тој глас да стигне таму каде што треба. Комората веќе одамна не е комора на големите, комора на избраните или на ограничен број луѓе, туку комора во која секој субјект, секоја невладина организација, па и секој проект за енергетска ефикасност, продуктивност и за едукација може да го најде своето место“, потенцираше Петрушев.
Во продолжение на поткастот, запрашан дали се созреани условите за враќање на младите назад во државава, Петрушев истакна дека сè уште не се созреани условите за тоа и образложи дека е потребно да се поработи на создавање услови за да нема реверзибилен процес. Според него, потребно да се овозможи добар образовен систем во кој ќе се образуваат нивните деца, добар социјален систем за да бидат сигурни дека нивните деца од предучилишната возраст се соодветно згрижени и амбиент во кој повеќе нема да се зборува за борба против корупцијата, туку во кој тоа ќе биде оставено во минатото.