Пожарникарите велат дека гаснењето на пожарите е сè потешко.
„Уморни сме. Изгаснавме пожар кој повторно се разгоре“, изјави пожарникар доброволец во шумите во северниот регион Амазонас, кој одби да биде именуван.
Пожарникарите во областа се повлекле пред пламените јазици.
„Пожарите се вон контрола. Потребна ни е помош“, изјави Артуро Моралес, друг пожарникар волонтер.
Претседателката Дина Болуарте во средата прогласи 60-дневна вонредна состојба во регионите Сан Мартин, Амазонас и Укајали, издвојувајќи дополнителни средства за да се спречи ширењето на пожарите. Таа ги повика земјоделците да престанат да палат стрништа, поради што, како што рече, се предизвикува неконтролирано ширење на пламенот.
Шумските пожари во Перу се вообичаени од август до ноември, а според владата, тие се предизвикани од земјоделци или од оние кои сакаат илегално да ја преземат земјата.
Околу 240 пожари избувнаа оваа сезона во 22 од 25 региони во земјата, иако повеќе од 80 отсто беа ставени под контрола до средата.
Некои пожари, сепак, се закануваат да се разгорат повторно со сувото време, ветровите и оддалечените локации што го отежнуваат пристапот.
Пламените јазици веќе зафатија седум археолошки локалитети и се закануваат на домородната заедница Шипибо-Конибо во Амазон, соопшти Министерството за култура на Перу.
Вкупно изгореле речиси 5.680 хектари земјоделско земјиште, а повредени се 140 лица, според официјалните податоци заклучно до средата.
Јужна Америка моментално е опустошена од пожар од бразилската амазонска прашума преку најголемите мочуришта во светот до сувите шуми во Боливија, соборувајќи го претходниот рекорд по број на пожари регистрирани во една година.