сабота, 14 декември 2024

Перински: Нема да дозволам внатрепартиска битка за градоначалничката функција за Скопје

Никогаш нема да дозволам да има внатрепартиска битка, затоа што со тие луѓе јас сум растел и сум се развивал во политичкиот живот. И, ова сега го говорам од мое гледиште и верувајте ми, така ќе биде и до крај на овој процес. Самата партија, врз основа на анкетите, врз основа на задоволството на граѓаните од оние перформанси кои ние ги испорачуваме како јавни функционери, ќе донесе одлука кој ќе биде потенцијален кандидат за градоначалник на Скопје, вели Златко Перински, министерот за локална самоуправа за тоа дали расте партиската битка помеѓу него и Орце Ѓорѓиевски за иден градоначалник на Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Во интервјуто за емисијата Трилинг тој ги повика и сите останати коишто функционираат на територија на град Скопје, а се наши членови кои активно се вклучени во политичкиот живот, да пројават интерес за оваа позиција, бидејќи на тој начин ќе се стимулира квалитеттот.

„Ниту јас, ниту колегата којшто го споменавте, ниту кој било друг, има право да монополизира еден ваков процес. Значи, овој процес на селекција на потенцијален кандидат за градоначалничкото столче, треба да биде отворен, инклузивен и на база на податоци“, рече Перински и додаде дека системот на градот Скопје е во целост дерогиран.

„За да се ревитализира Град Скопје треба системски пристап во делот на јавните комунални претпријатија во целина, во делот на јавниот превоз, но не со парцијални решенија. Ем немаме доволно средства, ем плаќаме по два пати, бидејќи не пристапуваме системски кон решенијата. Проблемите со превозот, проблемите со загадувањето практично се врзани садови, еден со друг треба да се надополнуваат и еден со друг треба да се решаваат.

Секое работење или неработење на кое било ниво, независно дали е локална или централна власт и перформансот којшто вие како функционер го испорачувате према граѓаните, треба да се мониторира и од останатите институции. Ние не можеме да бидеме резистентни кога директори на јавни претпријатија креираат долгови поголеми од 10 милини евра и откако ќе им заврши мандатот, никому ништо. Едноставно, тоа мораме да го смениме во иднина и едноставно сите тие работи кои несоодветно некој ги работел, треба да се предмет на опсервација“, рече Перински.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ