четврток, 27 февруари 2025

Перински: Државата веќе нема комодитет да губи време во непродуктивна политика

Ние не можеме повеќе да си дозволиме да бидеме политичари коишто креираат решенија во рамки на нашите канцеларии, затоа ја започнавме иницијативата “Каде што срцето е дома“. Нашата држава веќе нема комодитет, ниту еден ден повеќе да изгуби во непродуктивна политика, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински во гостувањето во емисијата „Програма на градови“ на Македонската телевизија.

Објавено на

часот

Сподели

Ние не можеме повеќе да си дозволиме да бидеме политичари коишто креираат решенија во рамки на нашите канцеларии, рече Перински зборувајќи за процесот на подготовка на измените на Законот за локална самоуправа. Тој истакна дека новите законски решенија ќе овозможат поголема одговорност на градоначалниците и подобра контрола врз јавниот ред и комуналниот хаос.

„Законот за локална самоуправа е системски закон, темел на децентрализацијата. Ги издржа предизвиците на времето и по повеќе од дваесет годишна примена, нормално е да се јават одредени работи кои треба да се допрецизираат и модернизираат.  Затоа влеговме во овој процес. Важно ни беше да е отворен и инклузивен , сите страни кои зависат од неговата имплементација да  бидат слушнати и вклучени“, истакна Перински.

Тој појасни дека процесот се одвива во четири фази: првата беше анализа на слабостите, втората – консултации преку четири јавни дебати, третата – креирање на предлог-измените, а завршната ќе биде нивна валидизација, односно донесување на одлука од страна на Владата и поднесување во Собранието.  Очекувањата се измените да бидат усвоени на лето, за новите градоначалници да работат по новиот закон.

Како клучна новина, министерот ја истакна можноста за референдумски отповик на градоначалниците.

„Практично главната иницијатива за овој закон е дека не би требало да има незаменлив градоначалник доколку не си ја извршува работата соодветно. Затоа можност за референдумски отповик од страна на граѓаните е најсоодветно решение. Истите тие граѓани му ја дале довербата, и при злоупотреба на таа доверба досега немаа механизам за отповикување,“ нагласи тој.

Дополнително, измените предвидуваат воведување на комунален редар како механизам за зачувување на јавниот ред и заштита на јавните добра.

„Ние сме сведоци дека системот на централно ниво не работеше согласно потребите на граѓаните. Во моментов сме сведоци на несекојдневни појави за нас, гледаме  девијантни однесување, несоодветно постапување со јавното добро. Затоа е многу важно да се воспостави механизмот на комунален редар, на кој ќе му ги зголемиме ингеренции и преку Законот за комуналните дејности. Веќе од следниот мандат градоначалниците ќе имаат обврска да имаат вакви  служби за зачувување на јавното добро“, изјави Перински.

Министерот потенцираше дека Владата внимателно пристапила кон измените на овој системски закон, со цел да се постават високи стандарди за ефикасно локално владеење и унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ