недела, 10 ноември 2024

Пентагон: Северна Кореја испрати 10.000 војници во Русија

Северна Кореја испрати околу 10.000 војници во Русија за да се обучуваат и да се борат во Украина во „следните неколку недели“, соопшти денеска Пентагон, во потег што западните лидери велат дека ќе ја интензивира речиси тригодишната војна и ќе ги разниша односите во индо-пацифичкиот регион.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Некои од севернокорејските трупи веќе се приближија до Украина, рече портпаролката на Пентагон Сабрина Синг, додавајќи дека се верува дека тие се движат кон пограничниот регион Курск, каде што Русија се мачи да го одбие украинскиот упад.

Претходно во понеделникот, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги потврди неодамнешните извештаи на украинските разузнавачи дека некои севернокорејски воени единици веќе се во руската област Курск.

Покрај тоа што вклучувањето илјадници севернокорејски војници во најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна ќе го зголеми притисокот врз уморната и преоптоварена војска на Украина, исто така ќе ги поттикне геополитичките тензии на Корејскиот Полуостров и поширокиот индо-пацифички регион, вклучувајќи ги Јапонија и Австралија, велат западните функционери.

Американскиот претседател Џо Бајден оцени дека распоредувањето на севернокорејски војници во Украина е „многу опасно“.

„Ние веруваме дека ДНРК (Демократска Народна Република Кореја) испрати вкупно околу 10.000 војници на обука во источна Русија, што веројатно ќе ги зголеми руските сили во близина на Украина во следните неколку недели“, рече Синг.

Вашингтон претходно наведе дека бројот на севернокорејските војници во Русија изнесува повеќе од 3.000.

САД, исто така, ѝ кажаа на Кина – сојузник и на Москва и на Пјонгјанг – дека треба да биде „загрижена поради оваа дестабилизирачка акција на два нејзини соседи, Русија и Северна Кореја“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

На прес-конференција во понеделникот во Исланд, Зеленски предупреди дека веќе има околу 3.000 севернокорејски војници на руска територија и дека се очекуваат четири пати повеќе.

„Сметаме дека наскоро ќе имаат 12.000“, додаде украинскиот лидер.

„Ова е ескалација. Само санкциите не се доволни. Нам ни треба оружје и јасен план за да го спречиме проширеното учество на Северна Кореја во војната во Европа“, рече шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак.

Синг рече дека за тие севернокорејски трупи нема да има „никакви ограничувања за употребата на оружјето што тие го обезбедиле“.

„Ако видиме дека трупите на ДНРК се приближуваат до линиите на фронтот, тие се соучесници во војната“, рече Синг. „Тоа е пресметка што Северна Кореја мора да ја изведе.“

Шефот на НАТО Руте оцени дека распоредувањето на севернокорејските трупи е „опасно проширување на руската војна“ и „знак за растечкиот очај на Путин“.

Руте рече дека повеќе од 600.000 руски војници се убиени или ранети од почетокот на конфликтот во 2022 година, додавајќи дека Кремљ не е во состојба да ја издржи инвазијата без странска поддршка.

И покрај загубите, Русија остварува постојани територијални придобивки во Украина. Говорејќи во Брисел по брифингот со претставници на јужнокорејските разузнавачи, Руте рече дека може да потврди дека севернокорејските воени единици се распоредени на теренот во западниот руски регион Курск.

Во август, украинските војници започнаа копнена офанзива на Курск и контролираат неколку стотици квадратни километри руска територија.

„Продлабочувањето на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја претставува закана за индо-пацифичката и евроатлантската безбедност“, изјави Руте за новинарите во Брисел.

Експертите велат дека во замена за војниците, Северна Кореја најверојатно сака да се здобие со воена технологија, од сателити за надзор до подморници, плус можни безбедносни гаранции од Москва.

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, исто така предупреди дека испраќањето војници во Северна Кореја претставува „значајна ескалација на војната против Украина и го загрозува глобалниот мир“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ