петок, 4 октомври 2024
Олајн обраќање на третиот самит на Меѓународната Кримска платформа

Пендаровски: Во последните 18 месеци, светот се соочува со ужасни случаи на воени злосторства

Објавено на

часот

Сподели

На панелот посветен на хуманитарната состојба и заштитата на човековите права, претседателот Пендаровски истакна дека во последните 18 месеци, светот се соочува со ужасни случаи на воени злосторства, кршење на човековите права, тортура и вонсудски казни извршени од страна на руските воени и паравоени сили.

„Денес, кога ја потврдуваме нашата позиција за непризнавање на нелегитимната анексија на Кримскиот Полуостров и на другите делови на Украина, би сакал да го свртам вниманието на влошената состојба на човековите права на Крим. Не смее да се дозволи ваквата состојба да опстојува неконтролирано, бидејќи ја поткопува самата структура на локалната политичка заедница. Светот мора да се справи со овие злосторства, со чувство на најголема итност и колективна акција. Секој случај на злоупотреба и прекршување мора да биде подложен на темелна истрага, а одговорните мора да одговараат за своите постапки“, нагласи Пендаровски.

Почитувањето на начелата на правдата, според него, не е само од суштинско значење за жртвите и нивните семејства, туку е клучен чекор кон помирувањето, откако ќе се исполнат предусловите за таа фаза.

„Помирувањето не е можно без правда, а, во овој контекст, лекциите од војните во поранешна Југославија служат како вреден потсетник. Формирањето на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија беше клучен чекор кон изучување на таа лекција од историјата и поставување на основа за демократија и мир за идните генерации. Исто како што МКТЈ одигра клучна улога во спроведувањето на правдата и повикувањето на сторителите на одговорност, така и ние денес мораме да поддржиме силни механизми кои ќе обезбедат организаторите и насилниците на човековите права на окупираните територии на Украина да бидат изведени пред лицето на правдата“, вели шефот на државата.

Затоа, додаде тој, македонското претседавање со ОБСЕ оваа година највисок приоритет стави на решавање на прашањето за влошената состојба на човековите права во Украина.

„Се обврзавме да ги искористиме нашите дипломатски и кооперативни механизми за активно ангажирање со сите засегнати страни, во справувањето со алармантните прекршувања на човековите права не само на Крим, туку и во Украина како целина. Дури и кога нашето претседавање завршува на крајот на оваа година, нашата посветеност на оваа кауза ќе биде постојана бидејќи ќе продолжиме по истиот пат, заедно со другите нации, наши сојузници и истомисленици“, рече претседателот Пендаровски. 

Тој воедно им оддаде почит на сите загинати украински херои и, во исто време, и признание на сите учесници на форумот за, како што вели, нивната цврста посветеност на бранењето на суверената нација, членка на Обединетите нации. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ