сабота, 23 ноември 2024
Претседателот го кажа ставот за спорните закони

Пендаровски: Негативните искуства на „Бехтел“ поврзани со криминал се поради локални авторитети кои се податливи за тој тип на „муабет“

Објавено на

часот

Сподели

Според Пендаровски, најспорно е барањето во измените на Законот за работни односи за шеесетчасовна работна недела. 

„Ова е најспорно и мене ме зачудува зошто таква одредба е ставена. Може нема да издржи до крај, меѓутоа видовме вчера и затоа немаме потврда дали договорот меѓу Владата и „Бехтел и Енка“ е навистина потпишан со тие клаузули „ако не се овозможи шеесетчасовна недела во тој и тој рок“ дека ќе има пенали кои се милионски во евра. Ме чуди затоа што Уставниот суд има донесено одлука пред неколку месеци во која вели дека „работна недела подолга од 40“, по исклучоци може само осум часа да работиш, е неуставна. И сега тоа да го ставиш повторно во закон за кој знаеш дека е сигурно неуставен односно одредбата е неуставна и за тоа ако не го исполниш да платиш педесетина милиони евра, тоа е прилично неодговорно“, вели претседателот. 

Ако тоа остане во конечната верзија, според него, би ни се случило истото што ни се случи со договорот за ОКТА пред дваесетина години кога државата се обврза да купува 500 илјади тони мазут, па поради неисполнување на обврските, Хеленик Петролеум тужеше и доби пред Арбитражниот суд. 

„Невозможно е да определите нешто надвор од Устав. И покрај филибастерингот кој гледам дека се случува од страна на некои опозициски партии, постои и друг начин со аргументи да се убедиме дека тоа треба да се повлече како одредба“, вели Пендаровски. 

Според Пендаровски, спорна е и одредбата од измените на Законот за експропријација со којашто се прави обид да се поништи двостепеноста што е уставно загарантирана категорија. И тука, вели тој, доколку граѓанин добие во втор степен спор за експропријација на имот, пеналите треба да ги плати државата.

„Такви одредби има и предлагам сите пратеници, особено оние кои го предлагаат, добро да ги погледаат“, апелира шефот на државата.  

Пендаровски вели дека „Бехтел“ е компанија стара 125 години и меѓу најголемите 100 градежни компании во светот, а дека неколкуте негативни искуства што ги имала оваа компанија во земјите од регионот, од Романија до Црна Гора се исклучоци од правилото. 

„Зошто се случуваат овие исклучоци каде што има злоупотреби и криминал? Само ако наидеш на локални авторитети кој се податливи за тој тип на „муабет“, вели Пендаровски. 

На прашањето дали се сомнева во нашите локални авторитети, претседателот вели „засега не“, меѓутоа сака понатаму процесот да биде кристално чист, прозрачен и транспарентен. 

За делот предвиден за надзорот на изградбата, Пендаровски вели дека 90 отсто од компаниите се со беспрекорно портфолио, но оти за две има јавни сомнежи. 

„Едната од нив според јавно достапните документи нема никакво искуство во таа област, а другата е формирана, ако не се лажам, пет дена пред или пет дена по објавувањето на тендерот. Значи нема искуство во таа област. Мене ми се чини дека за луѓето во Бехтел, за американската Амбасада, па и за САД како држава кои застанаа зад овој проект од почетокот, од Меморандумот за разбирање што се потпиша пред пет-шест месеци до денес, до отворањето на градежните работи и за нив е битна репутацијата на една од најбитните фирми“, рече Пендаровски. 

Верува дека постапката што ја започнала Антикорупциската комисија ќе се заврши до крај и дека тоа ќе наиде на поддршка од институциите.

За уставните измени, Пендаровски рече дека не гледа простор за договор помеѓу политичките партии. 

Ако кажам дека сум песимист, а сум, бидејќи тоа една година го зборувам во континуитет, пак некој ќе ми замери од Владата и ќе рече дека треба да правам атмосфера во која ќе напредуваме. Многу внимателно ги слушам сите политичари во Македонија што зборуваат јавно на таа тема. Кој е тој што ќе рече дека тука има некаков простор во кој можеме да се договориме. Јас не го гледам тој простор. Јас сум за уставни промени, не утре, туку денес, но како со сила да ги натераме тие луѓе да гласаат?“ рече Пендаровски.

Во интервју во Дневникот на Сител, Пендаровски оцени дека опозициските партии, пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ, „тераат партиска политика, а не државна политика“.

„Сакаат да дојдат прво на власт, па потоа да размислуваат за две третини. Од аспект на таа политичка партија тоа е легитимно, но од аспект на државата Македонија, тоа е лошо“, рече Пендаровски.

Прашан зошто не свика лидерска средба под негово покровителство, шефот на државата одговори дека нема согласност од сите страни учеснички.

На прашањето за трошоците за состаноците на членовите во  работната група за уставни измени, иако е неизвесно дали ќе има резултат од нејзината работа, тој соопшти дека му сугерирал на претставникот од неговиот Кабинет во групата да учествува про боно.

Пендаровски кажа дека нема контакти со бугарскиот претседател Румен Радев и дека последен пат кога се видел со него било минатата година на мини самитот за енергетика во Софија.  Претседателот вели дека во изминатите две години немал ниту еден конструктивен разговор со Радев.

„За танго треба двајца. Објективно изминативе две години Бугарија имаше серија на провокации кон нас и излезе со аргументи за наша блокада кон ЕУ каква што немало во историјата на Унијата. Ниту една држава не блокирала друга држава со тоа што викала „Вие не сте тоа што мислите дека сте“. Да зборувате за идентитетска политика и да викате дека јас не сум Македонец и дека само ако ги сменам сите учебници ќе можам да напредувам кон Европа… Ние може да глумиме средби, но последниве две години практично немам ниту еден конструктивен разговор со Радев“, изјави Пендаровски.

Што се однесува до одлуката за зголемување на платите на функционерите, Пендаровски рече дека таа не може да се брани.

„Кажувам како граѓанин не како претседател. Не може да се брани во време на кризи и кога замрзнувате животни продукти“, рече претседателот на државата Стево Пендаровски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ