Откако известивме за некои собитија во Апсурдистан, редно е нешто да кажеме и за соседите на Апсурдистан, во најмала рака за да не бидеме обвинети за апсурдошовинизам. Најголемите соседи на Апсурдистан беа Парадокстан и Оксиморонистан. Иако овој исказ не е географски точен, заради политичка коректност ќе кажеме дека Парадокстан и Оксиморонистан беа западни соседи на Апсурдистан, бидејќи ревносно се залагаа да му наметнат западни вредности на Апсурдистан. Но впрочем кој воопшто денес признава географска или биолошка или било каква друга егзактна точност, важно е да се биде политички коректен, зашто ако нешто е точно, но е политички некоректно, тогаш не смее да биде точно!
Но, да продолжиме со нашето известие: ќе почнеме со Оксиморонистран – имено, во Оксиморонистан беа смртно преплашени од две работи: да не некој ден им текне на оксиморните да се разбудат како апсурди, како и да не им текне на првите четири букви од нивното славно име, прочуено уште од антички времиња, да побегнат во Апсурдистан. И така, за да осигура дека овие букви се негова ексклузивна сопственост, Оксиморонистан побара од Апсурдистан да потпише договор со кој прифаќа дека сите апсурди се оксиморони, но без првите четири букви, за да не дојде до потенцијална семантичка забуна меѓу апсурдите и оксимороните, која би ја дестабилизирала и онака кревката логика во регионот. Големиот Зајак, кој во тоа време политички коректно го водеше Апсурдистан во бестрага, се согласи на овој историски договор кој го остави Апсурдистан без историја. Но бидејќи Апсурдистан тежнееше кон членство во Метафизичката Унија, историјата впрочем и не беше важна.
Слично на тоа, во Парадокстан беа смртно преплашени да не некој ден им текне на нивните парадокси да се разбудат како апсурди. Но во Парадокстан излегоа со поинаква стратегија: имено, од таму превентивно му наложија на Апсурдистан да признае дека неговото постоење е парадоксално, а не апсурдно. Ова барање беше услишано од мудрите уши на Големиот Зајак и неговиот наследник Надзајкот, славните вождови на Апсурдистан, кои мудро заклучија дека новиот, парадоксален идентитет на Апсурдистан не ја загрозува неговата апсурдност, напротив, само дополнително ја потврдува.
Заклучокот, до којшто читателот сигурно дојде, доколку и самиот во меѓувреме не бил принуден да потпише некој договор со којшто се откажува од смислата во име на логиката, е дека потписниците на договорите со Парадоксан и Оксиморонистан од апсурдистанска страна не може да се ништо друго, освен парадоксални морони. Впрочем, токму како такви беа третирани граѓаните на Апсурдистан од Метафизичката Унија. Но тоа – како што впрочем на читателот, доколку не е потписник на договори како горенаведените, веќе мора да му е јасно – и не е важно, важно е парадоксалните морони да се политички коректни.
Во меѓувреме, граѓанинот Шљупков побара од Апсурдистан да се откаже од зборот „стан“ во своето име, бидејќи сè повеќе граѓани на Апсурдистан не можат да си дозволат да платат за стан и за сè она што е поврзано со стан. Е, ова барање на граѓанинот Шљупков, макар семантички коректно и физиолошки мошне конкретно, беше политички некоректно, бидејќи го доведуваше во прашање неприкосновеното метафизичко право на глобалниот капитал да ги остава луѓето во Апсурдистан, Парадокстан, Оксиморонистан и сите други „станови“ ширум светот без храна, вода, струја и дом – или политичко коректно кажано, ја загрозуваше демократијата. И така, бидејќи граѓанинот Шљупков одбиваше да биде парадоксален морон, беше прогласен за иредентист, расист, сексист и што ли уште не…
Рајко Пеколски