Папата на следната аудиенција на Плоштадот Свети Петар ќе ги дочека верниците во овој папамобил, специјално дизајниран за него. На барање на папата Франциско, на испораката присуствувал целиот тим кој работел на специјалното возило.
Веќе 100 години Мерцедес соработува со Ватикан на испораката на таканаречениот папамобил, а првото возило му било испорачано на папата Пиј Деветии во 1930 година.
Папата Франциско во моментов користи мерцедес Г-класа со бензински мотор.
Тимот експерти на Мерцедес работел речиси една година со претставници на Ватикан на изработката на автомобилот прилагоден на потребите на папата.
Еден од главните приоритети била нулта емисија на штетни гасови, бидејќи Ватикан планира да ги префрли сите свои возила на погон без штетни гасови до 2030 година.
„Се движиме кон нулта емисии и лансираме многу електрични производи. Оваа година лансиравме електрична Г-класа“, истакна извршниот директор на Мерцедес.
Возилото има ротирачка фотелја и рачно изработен ентериер. Покрај тоа, има погон на сите тркала, дизајниран со акцент на малата брзина со која папамобилот се движи по Плоштадот Свети Петар за време на јавните аудиенции.
Новиот и подобрен автомобил на папата е опремен со покрив кој брзо се отвора и затвора за да го заштити од временските неприлики.
Како и неговите претходници, автомобилот е со бела боја и има регистерска табличка „SCV 1“ (држава Ватикан).