Пандев стигна до својот петти погодок сезонава во дресот на Наполи, каде што игра на заем од Интер. Погодокот на Пандев дојде во вистински момент, со кој нашиот ас треба да најави далеку подобра година од ланската 2011, но не само на калчолигашките терени, туку и во националниот дрес.
Наполи изненадувачки лесно го мина гостувањето на Сицилија, па покрај Пандев, Едисон Кавани и Марек Хамшик стрелаа за победата со која наполитанците останаа шести со 27 бода, исто колку и Рома. Лидери во Серија А се Јувентус и Милан со по 37 бода, десет повеќе од Наполи.
Колото што го затвори Пандев мина во знакот на победите на фаворитите со исклучок на Лацио, кој убедливо загуби од Сиена со 0-4. Јувентус со 1-0 победи во Лече, Милан со 2-0 во Бергамо кај Аталанта, Интер со 5-0 против Парма а Рома и Удинезе славеа дома и тоа со 2-0 против Киево односно со 4-1 против Чезена.
Во другите мечеви Каљари – Џенова 3-0, Болоња – Катанија 2-0, Новара – Фиорентина 0-3.
[video:http://www.youtube.com/watch?v=AnQ-e58S9q0]