вторник, 8 октомври 2024

Панчев: Се надевам дека мојата биографија ќе биде инспирација за младите генерации

Освојувачот на „Златната копачка“ од 1991 година, Дарко Панчев, при промоцијата на неговата книга – авторизирана биографија упати порака до младите да спортуваат.

Објавено на

часот

Сподели

Освојувачот на „Златната копачка“ од 1991 година, Дарко Панчев, вчеравечер при промоцијата на неговата книга – авторизирана биографија упати порака до младите да спортуваат.

– Му благодарам на Зоран Михајлов, нашиот доајен на спортското новинарство, кој цел живот го посвети на спортот, што се нафати да ја напише мојата биографија. Со своето искуство срочи книга, која мислам дека ќе ви биде интересна за читање. Можеби ги нема сите анегдоти, но има опфатено многу интересни и значајни моменти. Животот на еден спортист не е едноставен, има многу патувања, тренинзи и напорни моменти, но има и интересни случувања, на кои и денес се сеќаваме. Често се шегуваме со Васил Рингов, да имало некој да нè следи и да пишува за нас додека сме играле, тоа сигурно би било не само бестселер, туку и повеќе од тоа. Имаше убави случки, но и периоди кога не ни одеше, но сето тоа е нормален дел од спортот… Сите важни моменти од кариерата се опфатени тука. Се надевам дека ова дело ќе биде инспирација за младите генерации, рече Панчев.

Авторот на книгата, Зоран Михајлов, пред присутните во преполната „Литература.мк“ рече дека е тешко да се напише биографија за фудбалер со такви достигнувања какви што ги има Панчев.

– Навистина е голем подвиг да се пишува биографија, да се истражува и хронолошки да се подреди, да се соберат сите резултати кои во фудбалот се многу евидентни. Ако не се точни, не сме ја кажале вистината. А Дарко Панчев со своите голови ја кажа токму таа вистина: дека Македонија има врвен фудбалер… Како што напишаа Французите со зачуденост, по неговиот прв настап со Црвена звезда во Франција кога даде пет од вкупно шест гола против ЦСКА Софија: „Кое е ова момче?“ Но, не знаеја дека тоа момче е Дарко Панчев, кое учеше фудбал прво на улица, па во школскиот двор, па дојде до помошното игралиште на ФК Вардар, па Градскиот стадион, па „Маракана“ каде што ја доживеа најголемата слава. Факт е дека Панчев одбележа еден фудбалски период во Европа, од Вардар кога играше првпат во Купот на европските шамиони во 1987 против Порто, тогаш во цела Европа се расчу за Вардар и за генерацијата на Панчев, потенцира Михајлов.

Книгата „Дарко Панчев: Авторизирана биографија“ е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и веќе е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Во книгата е поместен избор од 40 фотографии од приватната архива на Панчев, кои прикажуваат важни моменти од неговата кариера и од неговиот живот.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ