Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска одржа средба со деканите на медицинските факултети во Скопје, проф. д-р Соња Топузовска, во Штип, проф. д-р Милка Здравковска и претставник од деканатот на Медицинскиот факултет во Тетово, проф. д-р Невзат Елези. На состанокот, како што информира Министерството за здравство, се разговараше за објавените нови огласи за специјализации на овие факултети, каде е во тек рокот за доставување апликации.
Првпат оваа година специјализации се отворија и на Медицинскиот факултет во Тетово.
На средбата стана збор за предизвиците со кои се соочуваат специјализантите, како и за подобрување на условите за работа и едукација.
„Младиот кадар е иднината на здравствениот систем, во нив континуирано вложуваме со цел намалување на трендот на мигрирање на нашите едуцирани лекари во странство. Веќе е во тек процес за промена на правилникот за специјализации, согласно европските примери и практики, со цел надополнување на специјалистичкиот кадар согласно конкретните потреби на јавните здравствени установи“, посочи министерот Меџити.
На средбата се разговараше и за можноста за околу 600 нови вработувања во областа на здравството кои се презентирани на седница на Влада, како и за можностите за вработување на приватните специјализанти.
Меџити денеска уште информираше дека се чека комплетниот извештај за случајот со возилото на Брза помош, што застанало на бензинска пумпа, додека пренесувало пациент од Струга.
„Инспектори на Државниот здравствен и санитарен инспекторат вчера биле на лице место, сѐ уште го немаме комплетниот извештај. Бевме во комуникација со директорот на Здравствениот дом, го чекаме извештајот и ќе го споделиме со сите медиуми“, одговори Меџити на новинарско прашање за најавениот вонреден инспекциски надзор за овој случај.
Претходно, на брифинг со новинари, прашан за овој случај, оти возило на Брза помош застанало на кафе пауза, додека пациент со кислородна маска бил во возилото, министерот изјави дека ќе ја провери информацијата и доколку е точна, ќе следуваат најригорозни казни за сторителите.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој се осврна и на преговорите со синдикалистите за усогласување на платите кои најавија протести доколку не се исполнат нивните барања.
„Минатата недела се сретнавме со синдикалните претставници и разговараме на таа тема и се надевам дека многу брзо ќе најдеме позитивно решение“, додаде Меџити.