Основното јавно обвинителство Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело – измама, согласно член 247 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Како што информира обвинителството, осомничената, во периодот од март минатата година до март годинава, прикажувајќи се како вработено лице во Амбасадата на Германија во Скопје и во македонското Министерството за внатрешни работи, довела во заблуда осум оштетени лица од Гостивар.
„Целта ѝ била, искористувајќи исти или слични прилики, да прибави за себе противправна имотна корист. На жртвите им нудела да им обезбеди работни визи за Германија или сертификати за познавање на германски јазик, а во замена наплатувала парични средства. На тој начин, од сите оштетени, успеала да се стекне со вкупна противправна имотна корист од околу 18.500 евра. Откако ќе им ги земела парите, потоа повеќе не им се јавувала на телефонските повици“, наведува обвинителството.
Со цел обезбедување во секој од случаите поединечно, надлежниот јавен обвинител најпрвин предложил на два пати по 48 часа притвор за осомничената, а по истекот поднесе и предлог за определување мерка притвор.
Со Решение на Основниот суд во Гостивар на осомничената ѝ е определен притвор во траење од 30 дена, информира обвинителството.