„Во рамките на досегашните активности за пронаоѓањето на 31 дете, уапсени се вкупно осум лица поради основано сомнение за сторени кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на дете“, соопшти окружната полиција Брчко.
Портпаролката на окружната полиција Џевида Хукичевиќ изјави за новинарите дека истрагата за овој случај е сложена и вклучува повеќе правци на дејствување, наведувајќи дека поради сложеноста на случајот, по наредба на обвинителот, воспоставена е соработка со Агенцијата за истраги и заштита (СИПА), Министерството за внатрешни работи на Република Српска и МВР на Херцеговско-неретванскиот кантон, како и меѓународна соработка преку Европол.
Полицијата во соработка со Центарот за социјална работа и Црвениот крст пред два дена во куќа во Брчко затекна 31 дете, по што децата биле пренесени на безбедно место.
Медиумите во БиХ објавија дека пронајдените деца имале хрватски пасоши, а дека ги чувала една жена, најверојатно италијанска државјанка, која е уапсена.
Меѓу уапсените наводно се и еден судски полицаец и неговата мајка.