Мишел Норис, колумнистка во Пост и прва црна жена водителка на Националното јавно радио (НПР), одлуката да не се даде поддршка ја нарече „ужасна грешка“, пренесе Гардијан.
„Вчера решив да дадам оставка како колумнист за Вашингтон пост – весникот што го сакам“, напиша Норис, која пишува за американскиот дневен весник од 2019 година.
„Во вакво време, секој треба да ги донесе своите одлуки. Одлуката на Вашингтон пост да не ја даде поддршката што беше напишана и одобрена на едни избори каде што се загрозени основните демократски принципи беше ужасна грешка и навреда за долгогодишните стандарди на редовно поддржување кандидати уште од 1976 година.“
Минатата недела весникот го напушти и уредникот Роберт Каган, откако издавачот и извршен директор Вилијам Луис рече дека Пост нема да поддржи ниту еден кандидат на претседателските избори во 2024 година.
Во колумна објавена на веб-страницата на Пост во петокот, Луис ја опиша одлуката како враќање на корените на весникот, кој не поддржувал кандидати. Пост не поддржуваше редовно претседателски кандидати сѐ до 1976 година, кога го поддржа Џими Картер ‘од причини што беа разбирливи во тоа време’“, напиша Луис.
„Свесни сме дека тоа ќе се толкува на различни начини, како премолчена поддршка на еден кандидат или како осуда на друг или како отфрлање на одговорноста. Тоа е неизбежно“, напиша Луис. „Ние не гледаме на тоа така. Сметаме дека тоа е во согласност со вредностите за кои Пост отсекогаш се залагал и со она што го очекуваме од лидерите: карактер и храброст во служба на американската етика, почитување на владеењето на правото и почитување на човековата слобода во сите нејзини аспекти“.
По објавувањето на одлуката, група колумнисти на Пост, меѓу кои и добитникот на Пулицеровата награда Јуџин Робинсон и поранешната заменик-уредничка Рут Маркус, ја осудија одлуката.
Критики упатија и иконите на Вашингтон пост Боб Вудворд и Карл Бернстин. „Ја почитуваме традиционалната независност на уредничката страна, но оваа одлука, донесена 12 дена пред претседателските избори 2024, ги игнорира огромните докази од известувањето на Вашингтон пост за заканата што Доналд Трамп ја претставува за демократијата“, напишаа новинарите во соопштение.
„Под сопственост на Џеф Безос, редакцијата на Вашингтон пост ги искористи своите обемни ресурси за темелно да ја истражи опасноста и штетата што вториот мандат на Трамп може да ги направи за иднината на американската демократија, што ја прави оваа одлука уште поизненадувачка и поразочарувачка, особено олку доцна во изборниот процес.“
Гардијан пренесе дека стотици читатели на социјалните мрежи споделиле слики од екраните од откажувања на своите претплати на Пост.