четврток, 27 февруари 2025

Оставка на заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајковски – градската администрација вели дека е разрешен пред два месеца

Заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајковски преку објава на „Фејсбук“ соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата. 

Објавено на

часот

Сподели

Оставката, како што наведува, ја поднесува поради неконзистентноста на јавните политики, неконзистентоста во департизацијата на јавните претпријатија, неконзистентоста во назначувањето и именувањето на директори на јавните претпријатија, поради целосно напуштање на програмата за модерно Скопје, поради безидејноста во справување со проблемите на градот и општините, поради незрелата политичка пресметка со сите градоначалници на општините освен Сарај и неистомислениците.

„Според обврските и овластувањата кои ни ги дозволува деловникот за работа на Советот на Град Скопје, се обидував постојано да предлагам конструктивни решенија. За жал, со горчина и разочарување можам само да споделам дека ниту еден мој предлог не бил прифатен ниту реализиран. Деловникот за работа ниту еднаш не го прекршив, а посочував и се борев кога други колеги го правеа тоа свесно или несвесно. Ревносно се борев за изгласување на годишните буџети на градот и програмите на јавните претпријатија, преговарав, дебатирав и аргументирано убедував колеги-советници да ги поддржат и да ги гласаат предложените програмски и буџетски точки. Да ми кажеше некој тогаш дека сево ова го правам за со град Скопје и јавните претпријатија да раководи и да владее екипа од Сарај и ДУИ, уште веднаш ќе одбиев“, пишува Трајковски во подолг статус на Фејсбук.

Трајковски, како што вели, не прифаќа да биде заменик-градоначалник само на Сарај, ниту градот да удоволува само на потребите на екипата од Сарај.

„Кога се нафатив да бидам заменик-градоначалник тогаш градоначалничката наводно беше во битка со партизираните претпријатија. Косана Мазнева која тогаш беше директорка на Комунална хигена влезе во пресметка со екипа која ги тероризираше вработените во претпријатието и ги користеа ресурсите и капацитетите на претпријатието како да е нивна своина. За прв пат директор на јавно претпријатие се осмели да се соочи со овие структури. Косана Мазнева против таа банда херојски се избори и ја отстрани од Комунална хигиена. За таа победа Косана Мазнева беше наградена со отказ, а денес градоначалничката на Град Скопје токму од таа екипа назначува директори. Од кал да е, од Сарај да е, директор ќе биде. Во изминатава година Град Скопје со сите свои ресурси и капацитети работи на проекти исклучиво во Сарај, како да не постојат останатите општини во Скопје“, наведува Трајковски.

Од Град Скопје во демнат испратен до медиумите наведуваат дека Трајковски бил разрешен пред три месеци односно на 19 декември минатата година.

„Оттука, нејасно е од која функција си дава оставка ова лице. Трајановски е разрешен од функцијата поради нарушување на угледот на град Скопје, неизвршување на своите задачи и неисполнување на својата функција како заменик градоначалник. Поточно, ова лице нема вкупно 3 активни минути на својата функција. Единственото барање на ова лице за кое е свесна градската администрација е неговата желба да добие канцеларија, службено возило и службен телефон. Друга комуникација, уште помалку во смисла на активен придонес кон работата на градот ова лице немало во последните две години“, се вели во реакцијата од Град Скопје.

Оттаму ги демантираа и обвинувањата од Трајковски за влијание од ДУИ.

„Кадрови решенија Градот Скопје немаше две години, ниту постоеше можност за вработувања поради неизгласани планови за вработување, а доколку истото некогаш би се реализирало би било врз основа на распишан оглас за вработување, со единствен критериум е исполнување на квалификациите и избор на најдобрите кандидати според закон. Доколку на Трајановски ништо не му сметало во Градот Скопје повеќе од 3 години, па с  до неговото разрешување во декември 2024 година, прашање е зошто би му сметало сега“, велат од Град Скопје.

За оставката на Трајковски реагираа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде оценија дека оставката не е последица на неговиот револт од „пајташите на Арсовска“, туку веројатно причина се нереализирани бизнис интереси во морето интереси заокружени околу Данела Арсовска.

„Да потсетиме дека Трајковски беше во улога на ‘дрвен адвокат’ и бранител на Арсовска до последниот момент, поточно до последната седница на Советот, каде убедуваше дека кутрата Арсовска е жртва, а не агресор и уништувач на градот Скопје“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ