„Банката се затвори поради енормен криминал кој се случувал во неа со години. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција покрена истрага за Еуростандард банка уште во февруари 2021 година. За криминалот се осомничени раководните одговорни лица во Еуростандард банка. Тоа што се знае е дека се делеле кредити без исполнување на основни критериуми за нивно одобрување и не се почитувале низа законски обврски. Едно е сигурно. Осомничените раководни лица во Еуростандард банка се потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити кои не можат да се наплатат, а истите се делени масовно без соодветни обезбедувања или само на основа на обични меници.
Каква е состојбата денес? Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција упорно молчи и го игнорира случајот на Еуростандард банка. И така е со години. Според закон, истрагата водена од обвинителството за овој случај требаше да биде одамна завршена. Трифун Костовски, еден од главните осомничени организатори и имплементатори на грабежот на депозити во Еуростандард банка, се слика на морски плажи и тоа гордо го споделува по социјалните мрежи, наместо да одговара за предизвикување стечај на банката заедно со неговиот осомничен тим од банката. А сите оштетени ја очекуваат правдата!
Дали случајот на Еуростандард банка ќе биде неисполнето ветување за решавање на криминалот во земјава или навистина новата власт ќе го исполни ветувањето и ќе ги смести криминалците таму каде им е место? Впрочем, новата гарнитура на власт, која пред четири години ги поддржуваше оштетените штедачи и ја критикуваше претходната власт заедно со раководството на банката како директни учесници и виновници за организираниот криминал во Еуростандард банка, дојде со ветување дека ќе се справи со криминалот и корупцијата. Новата власт го вети тоа пред граѓаните, а тоа што е ветено треба да се исполни.
Одговорност за организираниот криминал во Еуростандард банка мора да има“, се вели во соопштението на Здружението на оштетените штедачи на Еуростандард банка.