„Во минатото имало една пракса која што значела референдумско изјаснување на граѓаните, па подоцна било прекината во 2005 година. Го разгледуваме тоа како опција, но не исклучуваме и останати опции кои што ќе се разгледуваат. Овде не се работи за состојба во која што е засегнат Орце или останати поединци од нашата политичка партија, локални функционери, туку се работи за промени во системот со кои долгорочно ќе се решаваат проблемите. Мораме да работиме на ваков механизам, вакво системско решение кое во перспектива од првиот ден кога некој ќе стане градоначалник и ќе му дадат граѓаните шанса, нема да чека да му помине мандатот и да ги користи бенефитите од сето тоа, а да не може народот да реагира. Ќе имаме еден одбранбен механизам за граѓаните да можат да реагираат во такви околности“, изјави вечерва за ТВ Сител, Ѓорѓиевски.
Тој потенцира дека согласно постоечките законски регулативи нема можност Владата да реагира и да ги одземе ингеренциите на одреден градоначалник и посочи дека работна група работи на подготвувањето на измени во Законот за локална самоуправа.
„За да се одземаат ингеренциите треба да има законска можност за истото. Се испостави дека согласно постоечките законски регулативи нема можност Владата да реагира и да ги одземе ингеренциите и затоа сме во фаза каде што имаме посебно тело специјално за оваа работа што работи на одредени измени, односно интервенција во Законот за локална самоуправа каде што овие аномалии во системот од минатото ќе бидат отстранети. Тука не се работи само за промени поврзани со одземањето на ингеренциите. Во медиумите споменав и за начинот на кој што вие можете да го одземете предвреме мандатот на градоначалникот, а да не е тоа по редовен пат на избори. Во минатото, за жал, не е направена темелна интервенција во Законот за локална самоуправа. Сметаме дека сега е вистинскиот момент“, рече претседателот на ЗЕЛС.
Георгиевски напомена дека работењето на законските измени нема да биде брз и едноставен процес и преку ноќ да се решаваат проблемите.
„Но, мора од некаде да почнеме. Ова ќе биде состојба во која што верувам дека на крајот ќе се донесе законско решение кое во перспектива нема да дозволи повторно ваква казна да се случува за скопјани, односно да се случува една непогода како што е Арсовска во моментов“, рече тој.
Георгиевски повтори дека има амбиција на наредните локални избори да се кандидира за градоначалник на Градот СКопје, но потенцира дека за тоа допрва ќе треба да одлучи неговата политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ.
„Изминатите три години покажав како е да работите и да организирате општина како Кисела Вода која во минатото беше на маргините со долг наследен од над 3,5 милиони евра на сметката. Покажавме како се работи систематски и како се решаваат проблемите на граѓаните, проблеми кои со години биле напластени. Верувам дека мојата политичка партија ќе спроведе низа на анкети во наредниот период. Јас длабоко верувам во граѓаните на Скопје, во мојот народ и убеден сум дека би добил поддршка за тоа“, рече Ѓорѓиевски.