„Остро реагираме на одлуката да се укине единствената линија со број 33 што го поврзува Долно Лисиче со останатиот дел од Аеродром, поради, како што велат од Град Скопје во демант до медиумите, техничка неисправност на автобусот. Оттаму тврдат дека ЈСП има средства за регистрација на возилото, но тоа е исклучено од сообраќање поради неисправност. Нас како Општина, но и граѓаните на Долно Лисиче не нè интересираат причините за прекинот на градскиот превоз до овој дел од Аеродром, и не планираме да навлегуваме во работата на Градот и на ЈСП, туку бараме веднаш да се изнајде решение и да се пушти автобус на оваа и онака ретка линија“, стои во реакцијата од Општина Аеродром.
Од Општината додаваат дека ова е само уште еден во низата факти кои укажуваат дека Град Скопје е во тотален колапс, за што цената ја плаќаат сите наши граѓани.
„Град Скопје и ЈСП поради својата неспособност ги оставија жителите на Долно Лисиче без градски превоз, а за тоа се правдаат со некакви причини, кои да не беше трагична целата оваа ситуација, ќе ги оценевме како смешни и инфантилни“, реагираат од Општина Аеродром.
МКД.мк вчера објави дека Јавното сообраќајно претпријатие пред неколку дена ја исклучи приградската линијата со број 33 која е единствена што директно го поврзува Долно Лисиче со општина Аеродром. Причина што автобусот кој сообраќа 12 години, а од кој зависи одењето на училиште на многу ученици, а и на граѓани за до нивните работни места е тоа што претпријатието нема пари за да го регистрира овој автобус, дознава МКД.мк од свои извори. Од ЈСП официјален одговор зошто е исклучен овој автобус не добивме.