Според Николова, од предложената концепција се забележува дека реформите се предложени без јасна стратегија за развој и модернизација на образованието.
„Апелираме да се вразуми министерката Јаневска, да отвори јавна дебата, да ги земе предвид сите мислења, да направи сериозна анализа, а не онлајн-анкети, за да се избегнат сериозни последици по образованието на младите. За жал, наместо унапредување на критичкото размислување, предметите како: Филозофија, Социологија, Педагогија, Логика и Етика се маргинализираат или целосно се укинуваат. Нашето образование мора да едуцира млади луѓе кои ќе знаат како да размислуваат, а не што да мислат. Едноставно не сакаме да мислиме дека на една министерката за образование ѝ пречи развојот на критичката мисла, па затоа сака да ја оневозможи“, велат од СДСМ.
Како критика на односот на миниситерката Јаневска, во соопштението се наведува дека после учењето странски јазик од серии, сега министерката предлага учениците да учат етика преку личен пример на однесување. кои им го даваат наставниците. Ова значи крајно несериозен пристап кон научната мисла на етиката, логиката, филозофијата и социологијата.
СДСМ предлага да се земат предвид сите забелешки на стручната фела, на наставниците чии рекации веќе се актуелни во јавноста и во интерес на учениците да им даде соодветно место на наставните предмети од корпусот на општествено-хуманистичките области.
„Предлагаме реформите во гимназиското образование да се базираат на стручно изготвени анализи и евалуации, а не како во оваа концепција, на онлајн-анкети. Нашата визија е образовен систем кој ќе ги подготви учениците да живеат како слободни и одговорни лица во покомплексен и неизвесен свет, да бидат личности коишто ќе можат да се справуваат со предизвиците на иднината. Само морално храбри, рационални млади луѓе со критичка мисла, се надеж за нашето општество“, велат од СДСМ.