„Нормализацијата на насилството врз хуманитарните работници и недостатокот на одговорност е неприфатливо, несовесно и крајно штетно за хуманитарните операции насекаде“, рече Џојс Мсуја, вршител на должноста директорка на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОКХА), во изјава за Светскиот ден на хуманоста.
„Со 280 загинати хуманитарна работници во 33 земји минатата година, 2023 година беше најсмртоносната година за глобалната хуманитарна заедница“, се вели во соопштението на ОКХА, што е зголемуваање за 137 отсто во однос на 2022 година, кога загинаа 118 хуманитарни работници. Канцеларијата се повика на Базата на податоци за безбедност на хуманитарните работници, која ги следи овие податоци од 1997 година.
ОН соопштија дека повеќе од половина од смртните случаи во 2023 година, или 163, биле хуманитарни работници убиени во Газа за време на првите три месеци од војната меѓу Израел и Хамас, главно во воздушни напади. Јужен Судан, зафатен од граѓански судири, и Судан, каде што од април 2023 година беснее војна меѓу двата ривали, се следните најсмртоносни конфликти за хуманитарците, со 34, односно 25 смртни случаи.
Исто така во првите 10 се Израел и Сирија, со по седум смртни случаи, Етиопија и Украина, со по шест мртви, Сомалија со пет смртни случаи, и четири смртни случаи во Мјанмар и Демократска Република Конго.
Во сите конфликти, повеќето од загинатите се меѓу локалниот персонал. И покрај „невидениот висок број“ на смртни случаи на хуманитарни работници во 2023 година, ОКХА рече дека 2024 година „може да биде на пат за уште посмртоносен исход“.
Од 9 август, 176 хуманитарни работници се убиени ширум светот, според Базата на податоци за безбедност на хуманитарните работници.
Од октомври, кога милитантите предводени од Хамас започнаа смртоносен напад врз Израел што ја предизвика војната, повеќе од 280 хуманитарни работници се убиени во Газа, повеќето од нив вработени во агенцијата на ОН за палестински бегалци, според ОКХА.
Во овој контекст, лидерите на повеќе хуманитарни организации во понеделник треба да испратат писмо до земјите-членки на ОН во кое ќе ја повикаат меѓународната заедница „да ги запре нападите врз цивилите, да ги заштити сите хуманитарни работници и да ги повика сторителите на одговорност“.
Секоја година, Обединетите нации го одбележуваат Светскиот ден на хуманоста на 19 август, годишнината од бомбашкиот напад врз нивното седиште во Багдад во 2003 година. Во бомбашкиот напад загинаа 22 лица, меѓу кои и Серџо Виеира де Мело, специјалниот претставник на ОН за Ирак, а беа повредени околу 150 локални и странски хуманитарни работници.