среда, 15 јануари 2025

ОЈО ГОКК поднесе обвинение за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по спроведена сеопфатна истражна постапка денеска до основниот кривичен суд Скопје поднесе oбвинителен акт против едно лице и oбвинителен предлог против еднa фирма и три физички лица. Обвинителството ги сомничи дека свесно ги изигрувале прописите и правилата на постапката за доделување на тендерот за изградба на театарот и библиотеката во Тетово.

 

 

Објавено на

часот

Сподели

Според обвинителството, во периодот од 2014 до 2020 година во Тетово, првообвинетиот С.Ш. како сопственик и управител на обвинетата фирма од Тетово, заедно и по претходен договор со третообвинетиот Х.Ф. тогашен директор на Националната установа – Центар за култура Иљо Антески -Смок – Тетово и со четвртообвинетиот А.А. – претседател на комисијата за јавни набавки, а потоа и в.д. директор на центарот за култура, свесно ги изигрувале прописите и правилата на постапката за доделување на договорот за јавна набавка и ја злоупотребиле својата службена положба и овластување.

„Со дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, обвинетите за второбвинетото правно лице оствариле имотна корист од големи размери во износ од 832.983.064,00 денари. Искористувајќи исти прилики преземале повеќе временски поврзани дејствија на прифаќање усогласени понуди, времени и завршни ситуации со кои целосно бил променет предметот на договорот што се намалил од договорените 22 позиции и завршување на објектот до фаза клуч на рака, во завршување на само четири позиции во фаза затворена карабина без притоа да има одобрен проект за истото. Воедно, ја зголемувале вредноста на проектот, а за да ја оправдаат склучиле 12 анекси на договорот, со што бил исплатен износ за 138.488.064,00 денари повеќе од првично договореното и од предвидените материјални средства за таа намена. Со така склучените анекси, иако постапката била неделива, го поделиле и го измениле предметот на склучениот договор од фаза клуч на рака во фаза – затворена карабина и на тој начин овозможиле во иднина да се водат две нови постапки за јавни набавки и да се доделуваат нови договори за доградба – втора фаза, со што овозможиле корист за потенцијалните економски оператори во дополнителните постапки“, информираше ОЈО ГОКК.

Во 2018 и во 2021 година, дополнуваат од обвинителството, обвинетите спровеле нови постапки за јавни набавки – едната за изработка на проектна документација фаза ентериер за објект во изградба и втората со предмет на договор – втора фаза за изградба на нов објект за театар и библиотека Тетово. Со склучувањето на нови договори во вкупен износ од 1.345.917.098 денари без ДДВ извршиле процентуално надминување на вредноста на основниот договор со зголемување од 93 отсто од договорената цена со основниот договор која изнесувала 694.495.000 денари без ДДВ.

„Дополнително, со неизвршување на законските обврски за евидентирање и пријавување на даночни обврски и поради тоа што не изготвиле основен проект на изменета состојба, на штета на Буџетот од средствата дополнително одобрени и наменети за проект и јавна набавка на ентериер за театарот, се задолжени и се исплаќаат значителни износи од 232.699.289,00 денари за данок на ДДВ, кој навремено не го евидентирале и пријавиле и од кој би биле ослободени“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Петтообвинетиот Б.М. пак, како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 до 2020 година искористувајќи исти прилики, преземал повеќе временски поврзани дејствија на пропуштање должен надзор и на друг начин очигледно несовесно постапувал при вршење на неговите посебни овластувања. Тој ги потпишувал градежните дневници и книги со количини според основниот проект, овозможил да бидат потпишувани анекси на договори врз основа на претходно доставени времени и завршни ситуации и да биде извршен технички прием на објектот театар и библиотека Тетово, иако одредбите од Законот за градење претходно требало да биде изготвен Проект на изведена состојба врз основа на новата состојба на објектот со нови количини, а имајќи предвид дека конструктивниот систем бил целосно сменет, со нов проект требало да се бараат нови конструктивни и статички анализи на објектот.

„Како резултат на тоа што не бил изготвен Проектот на изведена состојба и немало решение за одобрување на измените што би било составен дел од одобрението за градење, не бил изготвен и Проект за употреба и одржување, па  така објектот не може да се запише во јавните книги на недвижности. Со ваквите дејствија потешко ги повредил правата на НУЦК Иљо Антески Смок – Тетово – Министерство за култура и туризам“, се наведува во обвинението на ОЈО ГОКК.

Со ова, велат од ОЈО ГОКК, првообвинетиот С.Ш. и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Обвинетите Х.Ф. и А.А. сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување и обвинетиот Б.М. сторил продолжено кривично дело кривично дело несовесно работење во службата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ