Оградите секогаш асоцираат на дистанца, обележување територија, означување посебност на оние во оградениот простор – во случајов политичката елита наспроти граѓаните, народот. Таквата асоцијација, кога станува збор за просторот околу Собранието е нагласено контроверзна, зашто Собранието како институција е „храмот на демократијата“, во кој дејствуваат оние што се избрани од граѓаните, да работат и да ги заштитуваат нивните интереси, и самите, барем „теоретски“ – дел од народот.
Секако, меѓу теоријата и праксата на демократијата се предизвиците на (дневно)политичкото дејствување и безбедноста на Собранието при изразување на некои ставови, животни предизвици, барања на граѓаните. Односно, институциите на државата треба да бидат обезбедени во ситуации кога протестите на граѓаните излегуваат од контрола.
Познато ѝ е на јавноста дека во тридецениската историја на Македонија како плурална демократија, постојат повеќе моменти на бурно изразување на несогласувањето на граѓаните, но и на политичките субјекти пред Собранието. Никој не се обидува да ги избрише од колективната меморија и неколкуте упади на граѓани во Собранието, незадоволни од политиките што во тие пресвртни моменти за државата се „заговарале“ и спроведувале во таа институција.
Сепак, веќе извесен период, од две-три години немало некои поголеми протести пред Собранието, а заштитните огради пред него се „постојан декор“. Упативме прашање до МВР, со која цел овие огради како да се трајно поставени пред законодавниот дом и дали се размислува за нивно отстранување.
„Ве известуваме дека заштитните огради се поставуваат во случаи на ненајавени и најавени јавни собири со цел да се заштити периметарот околу објектот на Собранието на РСМ. СВР Скопје со Одделот за заштита на определени личности и објекти при МВР како и претставници од Собранието на РСМ ќе ја разгледа можноста за нивно повлекување“, се вели во одговорот на МВР.
Но, демократската култура на една држава, меѓу другото се манифестира и со тоа да умее да ги прикаже „елегантно“ и како традицијата безбедносните мерки на заштита, па дури и како туристичка атракција. На пример со гардисти во униформи со историска симболика пред објектите на државните институции, со кои се сликаат туристите, а не со груби и грди метални огради како трајни инсталации во просторот. Поставените заштитни огради, како „времен објект“ пред Собранието на Македонија, наликуваат на „трн во око“ на македонската демократија.
Ј.П.