Учеството на електронската наплата се движи околу 33 проценти.
„Наша заложба е да го зголемиме овој процент и да направиме едукација за граѓаните за придобивките од користење на електронската наплата со што значително би се намалило чекањето на наплатните рампи при кеш наплата и со што би се остварил непречен сообраќај без поголеми застои“, изјави за МИА, Коце Трајановски, директор на ЈПДП.
Од отпочнување на електронската наплата на 3-ти јули 2019 до 20-ти декември 2024 година, продадени се вкупно 242.080 електронски уреди од кои, 203.828 м-смарт картички и 38.252 м-таг уреди. За тој период направени се вкупно и 1.842.224 поединечни надополнувања на електронските уреди на различни суми, а вкупната сума за надополнувања досега изнесува 3.509.815.300 денари.
„Нашиот план е амбициозен во смисла на подигнување на процентот на електронска наплата и зголемување на протокот на возила на наплатните станици и можеби е сѐ уште рано да говорам, но за почеток правиме напори м-смарт картичките да бидат подостапни на возачите, односно да можат да ги набават и поблиску до своето место на живеење, не како што е во моментов само на наплатните станици и кај нас во ЈПДП. Но, за тоа ќе говориме поконкретно кога ќе видиме дека има можности за реализација на оваа идеја“, вели Трајановски.