Спорот во однос на дозволата за градба е завршен во 2021 година со судска пресуда во корист на изведувачот.
Министерството за внатрешни работи објави дека постои безбедносен ризик со изградбата на катната гаража во близина на Собранието. Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека следната недела во Собранието ќе има средба за да се надмине проблемот. Мицкоски рече дека веќе е остварена комуникација од страна на кабинетот на претседателот на Соранието, со компанијата што треба да ја гради катната гаража.
„Ние не можеме да ја оштетиме компанијата затоа што некој некогаш не бил разумен и направил нешто што може да ја загрози безбедноста на македонското Собрание. Проблемот ние треба да го решаваме и нема да седиме настрана. Тоа што некој се однесувал незрело, ние сега траба да го решаваме, а со цел да нема оштетени и притоа да се зачува безбедноста на македонското Собрание, а компанијата согласно закон да се обесштети. Вистинската адреса за овој проблем е Собранието и од таму очекуваме конкретни информации“, изјави вчера Мицкоски.
Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 во времето на премиерот Никола Груевски, а министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески, согласно договорот за отуѓување на катна гаража со компатибилни класи на намена односно изградба на мали комерцијални и деловни единици. Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собрание и Дом на АРМ.
Инвеститорот добил одобрение за градење на катната гаража на 26 август 2014 година, со правосилност од 10 септември 2014.
Градежната дозвола за изградба на катната гаража беше поништена во 2018 година од ексградоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, бидејќи инвеститорот не почнал во предвидениот рок со градба. Но, инвеститорот на ова решение поднесува жалба и по судската постапка која трае неколку години решението на Општина Центар се укинува и на инвеститорот му се дозволува да гради.