Покрај тоа што нуди 100 нови услуги, порталот uslugi.gov.mk во изминатите пет месеци има и нови 30 000 корисници, а освен надградбата на овој систем, се отвораат и центри за услуги за граѓаните низ целата држава.
Како што соопшти Андоновски, по преземањето на ресорот пред пет месеци порталот нудел 125 услуги, а сега има повеќе од 200.
„Затоа што целосно ги дигитализиравме 80 услуги директно на порталот, но и поврзавме дел од услугите што се даваат на други портали да бидат достапни и на нашиот портал“, изјави Андоновски.
Најкористени електронски услуги досега од граѓаните, рече министерот, биле од Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, поврзани со работен стаж и пензионирање, а популарни, рече, биле и дигиталните услуги од Управата за водење матични книги – за добивање извод од родени, како и потврда од казнено-кривична евиденција.
„Од новите услуги, убедливо најпопуларна е услугата од Министерството за внатрешни работи за лиценцата за поседување оружје, затоа што целосно го редимензионира процесот на аплицирање – не ги завршувате сите работи па да чекате согласност со месеци или со години, туку прво аплицирате, добивате позитивно мислење од Министерството, па потоа полагате, земате часови и ја добивате лиценцата. Но, исто така, тука се и годишните конкурси на Министерството за култура, програмата за поддршка на институциите од културата, каде што исто така имаме огромен интерес“, рече Андоновски.
Меѓу новите е-услуги што ќе бидат достапни во 2025-та, тој го издвои дигитализираното добивање уверение за државјанство.
„Тоа ќе биде меѓу топ пет услугите што ќе бидат најкористени на порталот. Мислам дека државјанството ќе биде многу рано – очекувам во јануари да биде целосно автоматизиран процесот на издавање државјанства“, соопшти Андоновски.
Целта на МДТ е целосна дигитализација на општеството што ќе овозможи полесен пристап за граѓаните до административните услуги, ќе им заштеди време и трошоци.
Како новина Андоновски најави и дека со измени на Законот за електронски услуги, кои се очекуваат во јануари, секој документ што ќе биде изваден од електронскиот портал, со електронски потпис, QR-код и печат, ќе може, со печатење, да се користи исто како и документ што институциите досега го издаваат со нивниот печат.
На презентацијата присуствуваа претставници од министерствата за култура, правда и за внатрешни работи, како и од државни институции (Агенција за храна и ветеринарство, Регулаторна комисија за енергетика и ПИОМ) кои информираа за сегашните и за новите услуги што ќе им ги овозможат онлајн на граѓаните во наредната година.