Дел од изведените докази вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото „рено кангу“.
„Работни ракавици и отпушоци од цигари пронајдени се во пластична чаша. Пронајдени и подигнати при извршеното обезбедување на доказен материјал од извршен увид на 7.12.2023 во подрумските простории на улица ‘Наум Наумовски Борче’, за да се утврди дали на истите има траги со идентификационо значење“, рече обвинителката Жаклина Крстевска- Јосифовска.
Дополни дека при извршен увид на 5.12.2023 на возило „ренџ ровер“ се пронајдени јакна која што Кешишов ја носел на местото на настанот, вреќа во која починатиот Панче Жежовски бил закопан во дупката во која што е пронајден.
„Лопатата и останатите предмети, црната вреќа со голем куфер, црната вреќа со мал куфер, средна вреќа со две перничиња и теписон се предмети што се подигнати од извршениот увид на местото каде што е пронајдено телото на починатата Вања“, дополни таа.
Кај обвинетиот Палчо, при претресите, имало пронајдени различни папки и документи, како и комуникации на социјалните мрежи.
„На 27.11.2023 осум инстант пораки од кои една во 7:29 на турски јазик. А останатите на 4.12.2023. Комуникација на Ватсап, на Фејсбук. На Фејсбук се користени девет различни профили од коишто во интерес се две комуникации остварени на 1.12.2023 со Влатко Кешишев и со Стефан Димковски. На Инстаграм користел само еден профил на 23.11.2023“, образложи таа.
Во однос на пораките што ги има во периодот од 30.11.2023 до 3.12.2023, таа рече дека е пронајдена комуникација на Вибер со лице по име Драган, кој според комуникацијата се наоѓа во Москва, на кого обвинетиот Палевски на 1.12.2023 во порака му пишува дека на 5.12.2023 планира да стигне во Москва, па бара од него помош да го земе од аеродром.
„Важна е комуникација на 27.11.2023 со лице запишано како ‘Геге шампион 2’, кое го прашува Палевски дали може да поминат со лице Ферат на кафе, на што Палевски му одговара дека е уморен, цела ноќ не спиел“, дополни таа.
Беа изведени и вешт наод и мислење од доктор Александар Марцикиќ, психијатар, за обвинетиот Љупчо Палевски, како и доказ дека обвинетиот е осудуван.
Обвинителство денеска предложи и да се изведат шест ЦД-дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, на кои се наоѓа материјал од безбедносните камери, кој ги опфаќа деновите од 20.11 до 3.12 2023 година со 24-часовен надзор.
„На видеата се гледа нивното собирање околу убиството на Панче Жежовски“, рече обвинителката.
Одбраната на Палевски не прифати да се изведат доказите од причина што не се наведени во листата на докази и побара дополнително време за увид во истите.
Судот ја одложи расправата за 21 февруари.
Претходно, обвинетиот Љупчо Палевски Палчо, на почетокот од денешното судење побара изземање на обвинителите во процесот, Жаклина Крстевска-Јосифовска, Ана Стојковиќ- Димитриевска и јавниот обвинител Гаврил Бубевски. Причините поради кои Палевски бара изземање, се, како што рече, злоупотреба на дејствувањето и непристрасност.
За случајот се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.