„Детето е хоспитализирано и уште е под опсервација. Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување на целокупната документација за утврдување на староста и евентуалните барања за сечење и отстранување на дрвото. Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија во насока на утврдување на евентуална кривична одговорност за настанот“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Детето се здоби со повреди откако врз него падна гранка од дрво, а општината вчера побара да се испита случајот и да се утврди одговорност.
Малолетникот беше повреден во парк меѓу улиците Никола Русински и Карпошево Востание, откако врз него паднало дотраено дрво.
Од Општина Карпош велат дека инцидентот се случил на само неколку метри од пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“, кое, според Законот за локална самоуправа, било должно да го отстрани ова дрво.
„Иронијата е што ова дрво било обележано за сечење подолг временски период, но, како и во многу други случаи, јавното претпријатие и Градот Скопје останаа глуви на нашите барања“, реагираат од Општината.
Оттаму бараат Министерството за внатрешни работи да го документира случајот, да се утврди одговорноста и да следуваат соодветни правни последици.
„Општина Карпош предупредува дека вакви немили настани може да се случат и во градинките, бидејќи Владата не одобрува нови вработувања за негувателки, воспитувачки и технички персонал, иако многу од нив веќе заминаа во пензија“, се вели во реакцијата на општината.
Општина Карпош апелираше до државните институции да не си играат со здравјето на децата, нагласувајќи дека нивната безбедност нема цена.
„Најостро ги демантираме наводите на Општина Карпош дека дрвото било обележано за сечење. До нашето претпријатие не пристигнало никакво барање за интервенција, ниту пак е издадено соодветно решение за сечење“, велат од Паркови и зеленило.
Јавното претпријатие Паркови и зеленило изрази жалење за денешниот инцидент во Општина Карпош, каде што дете беше повредено од падната гранка.
Од претпријатието истакнуваат дека секогаш постапуваат по барањата за интервенции врз дрвјата и дека досега одговориле на сите барања од Општина Карпош.
„Според член 29, став 2 од Законот за урбано зеленило, општината е должна во рок од седум дена да донесе решение за потребата од сечење или кастрење на оштетено дрво и да го обележи со соодветен знак – ‘С’ за сечење или ‘К’ за кастрење, на височина од 130 сантиметри. Во овој случај, евидентно е дека дрвото не било обележано на предвидениот начин“, додаваат од ЈП Паркови и зеленило.
Претпријатието смета дека надлежните од општината го злоупотребуваат овој немил настан, нагласувајќи дека ако навистина постоела потреба од сечење, токму Општина Карпош требало да поднесе соодветно барање.