Пресудата за обвинетите „Организатори на 27 април се враќа на повторно судење, а жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е беспредметна, пишува во пресудата на Апелацискиот суд (АС) Скопје во која имаше увид МКД.мк со која судот ја укина првостепената пресуда за овој случај.
Во образложението на одлуката пишува дека жалбите се основани затоа што „обжалената пресуда е недоволно јасна и разбирлива и не содржи доволно образложени и непротивречни причини за решителните факти од кои се раководел судот при одлучувањето“.
„Првостепениот суд при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Со оглед дека пресудата е укината поради суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка, а жалбата на ОЈО ГОКК се однесува на одлуката за кривичната санкција, истата во оваа фаза на постапката е беспредметна“, пишува во образложението на пресудата.
Сведочењата на Ниџа, Заев и Иванов меѓу главните аргументи на одбраната
Александар Василевски Нинџа и стана познат на јавноста кога прво беше обвинет за упадот во Собранието на 27 април 2017 година и доби седум години затвор, а потоа, беше клучен сведок на обвинителството во предметот за организаторите на упадот. Токму неговото сведочење беше оспорено од обвинетите „Организатори на 27 април“. Тие во жалбите прашуваат како може да му се верува на Нинџа а не на поранешните премиер и претседател, Зоран Заев и Ѓорге Иванов кои исто така сведочеа во овој случај.
„Во оваа пресуда, сведокот А.В. Н. е единствениот сведок на кој судот му поклонил верба, додека на другите сведоци министри и претседатели не им поклонува верба, а уште повеќе што на истиот сведок, на истиот исказ, во друга пресуда, судот, не му поклонува верба. По однос на времето, местото и начинот на извршување на кривичното дело, во овој обвинителен акт нема место на извршување на кривичното дело, нема каде бил организиран митинг, односно воопшто не е наведено местото на извршување на кривичното дело“, пишува во дел од жалбите на обвинетите.
Тие се жалеле и на фактот што обвинителството на самиот крај од процесот го изменило обвинението.
„Првото обвинение беше дека обвинетите спречиле избор на претседател на собрание, па обвинението се измени дека се обиделе да спречат избор на претседател на собрание, па сега имаме обвинение за кое се сослушаа многу сведоци кои не одат во прилог на обвинението, застапникот на обвинението изврши измена на обвинителниот акт дека обвинетите ги организирале протестите“, пишува во жалбите на обвинетите.
Законот за амнестија кец во ракав и на обвинетите и на судот
Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски во жалбата до АС Скопје побарал не само да не биде казнет со затвор туку судот да донесе ослободителна пресуда или да го отрфли обвинението како такво. Ако не може, Велјаноски побарал предметот да се врати на повторно судење. Како аргумент за ваквото барање, тој се повикал на Законот за амнестија донесен на крајот на 2018 година кој тогаш бил во сила. Тој во жалбата тврди дека не згрешил ништо и дека тврдењата дека го загрозил поредокот на државата не се точни.
„Критичниот ден настојував седницата да се води согласно деловникот и истата да биде завршена во најкус можен рок, меѓутоа многу пратеници се јавуваа за пратенички прашања, а сето тоа се одвиваше под постојан притисок, односно под извиците од протестите, како и под окото на македонската јавност. Собранието започна со конститутивната седница која траеше долго и во текот на работата се чувствуваше дека се губи концентрација, но тоа не значи дека некој е терорист. Со оглед дека беше напната атмосфера дадов налог да се прекине седницата, но се случи насилното упаѓање на граѓаните што ми предизвика чувство на страв по што дадов налог да се заштити кабинетот и документацијата. Очекував дека полицијата ќе реагира во насока на заштита на сите кои беа внатре“, напишал во својата жалба Вељаноски.
Со истиот аргумент се жалеле и ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски кој пак, дополнително се жалел дека судот му ги одбил клучните сведоци.
„Две години бев во куќен притвор и четири месеци во притвор и при тоа истрагата беше затворена без да дадам исказ. Како одбрана, на листата на докази, предложивме 180 сведоци, кои биле намалени на 100, меѓутоа, по прецизирањето на обвинителниот акт, токму исказите на тие сведоци беа темелот на мојата одбрана, а од страна на судот не му беше дозволено повторно предлагање на тие сведоци, со што ми беше повредено правото на одбрана“, напишал Ристовски во жалбата.
Законот за амнестија бил аргумент плус и на Апелацискиот суд Скопје за укинување на пресудата. Тој на Кривичниот суд му наложил „при оцената за постоењето на кривичната одговорност да утврди дали и спрема кои обвинети може да се примени Законот за амнестија“.
„Ова, особено ако се има предвид дека, амнестијата е право на простување, „милост“ на државата кон сторителите на казнени дела, која што во правните системи е позната како овластување на државата да не покренува казнено гонење, или на веќе осудените казната да им биде простена или ублажена. Амнестијата е неотповиклива, така што не само што не може правно да се оспорува, ни Собранието не може да донесе закон со кој ќе ја повлече дадената амнестија. Амнестијата се дава директно со закон, за разлика од помилувањето, кај кое се донесува поединечно решение“, оцениле судиите од Апелацискиот суд Скопје.
Атанасовски барал правда во Меѓународниот суд во Хаг
Поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски сметал дека правда во Македонија нема да може да најде па затоа побарал изземање на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје и побарал предметот да биде отстапен пред Меѓународниот суд во Хаг. Причина за ова е тоа што одбраната на Атанасовски преку укажувач добила докази дека обвинителството деградирачки се однесувало кон него, со тоа што неоправдано бил држен во притвор.
И покрај ова, и обвинителството и судот ги одбиле барањата како недозволени.
Атанасовски се жалел и дека не му било дозволено да ги испитува сведоците но и самиот да сведочи на судењето.
„Не му беше дозволено да ги испитува сведоците, поради заштита на националниот интерес, а бидејќи истите не добиле дозвола од актуелниот министер за изнесување на класифицирани информации. На обвинетиот В. не му беше дозволено да сведочи пред судот, бидејќи не доби дозвола од министерот за внатрешни работи“, пишува во жалбата на Атансовски.
Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и за образование Миле Јанакиески и Спиро Ристовски како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски се неправосилно осудени на вкупна казна затвор од 25 години за организирање на настаните од 27 април 2017 година, кога се случи упадот во Собранието.
Искра Опетческа